Издавачката куќа „Граматик“ од Белград објави избор од поетското творештво на Иван Антоновски, под наслов „Обиди за (пре)создавање песна“. Песните од изборот, поделени во три циклуси кои претставуваат три фази во поезијата на Антоновски, од македонски на српски јазик ги препеа српскиот поет и прозаист, Рајко Лукач.
– Звучи неверојатно дека Иван Антоновски уште како четиринаестгодишник напишал песни пред кои ми застанува здивот од чудење за длабоката емотивна промисла и за престорувањето на таа промисла во стихови (без патетика). Тие песни се пријатно меланхолични (пр. „Јаглика“, „Трепетлика“, „Кога те молев да пораснеш“), пленат со непосредната искреност и младешки занес („Ако ослепам, ќе ослепам од убавина“) – напоменува Лукач, осврнувајќи се кон првиот циклус од изборот објавен во негов препев.
Тој се осврнува и на другите два циклуса од поезијата на Антоновски, при што за циклусот „Крикови од неископан гроб“ насловен според поетската книга од која се песните засстапени во него, Лукач напоменува дека станува збор за поезија напиашана од раката на младич, во која меланхолијата е поизразена, но е надополнета со фина иронија и со надреалистички зачини за да се ублажи горчината. Како што посочува, тоа е последица на поетска зрелост, тропот на одлучни чекори, но тој тропот не ги задушил емоциите кои во него ги разбудил Антоновски уште со својот поетски првенец.
– Круна на неговото пеење и на нашето поетско зближување (ако е дозволено тоа да се признае во ваков текст?) го чини третиот, завршен циклус, инспириран од самото пишување на поезија, во кое (само)иронијата доаѓа до уште поголем израз, при што со „поучни“ пресврти и со самокритички ламенти, Антоновски остава снажен впечаток на читателот. Целиот циклус потсетува на своевидно сецирање на песната и на нејзиното создавање – поетски час по анатомија како на Ребрантовото платно. Но, часовите на Иван Антоновски повеќе се игра во која по сецирањето, песните волшебно воскреснуваат или се преобразуваат во нова смисла – нагласува Рајко Лукач.
Прафразирајќи го стихот „ако пропеам, ќе пропеам од убавина“, на кој посочува како на битен поетски венец во опусот на Антоновски, тој е дециден – сметам дека тој стих е дефиницијата на поетското творештво на Иван Антоновски, заради што и неслучајно, својот осврт за него го насловува „Поезија на убавината“.
Инаку, објавувањето на овој поетски избор во препев на српски јазик е иницирано токму од Лукач, откако тој имал можност да се запознае со поезијата на Антоновски пред неколку години на Галичката книжевна колонија.
– Слушајќи ги песните на Иван Антоновски, во црквата во Галичник почувствував неверојатна поетска блискост со него. Откако прочитав десетина песни од неговиот ракопис, си реков себеси дека морам да ги препеам на српски, како што и сторив и ги објавив во новосадското списание „Поља“. Фасцинацијата од неговите стихови продолжи кога од издавачот „Галикул“ ја добив неговата книга со избрана поезија и есеи, овенчана со наградата „Тодор Чаловски“, па така и продолжив со препевите – објаснува Лукач.
Претходно, во препев на српски јазик, уште во 2008 година беше објавена поетската книга која ја претставува раната фаза во поетското творештво на Антоновски – „Кога те молев да пораснеш“, со која Нишкиот културен центар ја започна едицијата „Вертер“. Голем број негови песни во препев се објавени и во повеќе српски книжевни списанија и досега има учествувано на поголем број книжевни манифестација во Србија. Во 2014 година година, во Србија беше објавена и антологијата на македонската љубовна лирика „Од копнеж до ерос“, која ја приредија Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски, а за која во февруари 2015 година беше доделена и значајната награда „Светосавски печат“ за посебна книга како исклучителен авторски и издавачки потфат на 11. Светосавски саем на книгата во Ниш.
Во текот на втората половина од оваа се планира во Белград да се одржи книжевна вечер со Иван Антоновски, на која меѓу другото ќе биде претставен и изборот од неговото поетско творештво објавен од ремонираната издавачка куќа „Граматик“.