Францускиот институт во Скопје информира дека инсталацијата „Лицата на франкофонијата“ на уметникот Давор Кешќец, поставена во излогот на Францускиот институт, ќе биде изложена во текот на цел април. Оваа поставка беше изработена специјално по повод одбележувањето на франкофонијата, а во склоп на многубројните активности со кои се одбележи Месецот на франкофонијата.
Младиот и талентиран уметник Давор Кешќец дипломирал на Факултетот за ликовни уметности – Скопје на Одделот за графика. Истата година станува и член на член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија.
Кешќец, кој е препознатлив по неговиот уникатен попарт-стил и посебноста во уметничкиот израз, има изработено и неколку мурали. Има реализирано учества во најразлични проекти, како изработки на илустрации за веб-апликација, изработка на дизајн за промотивни материјали и каталози, како и дизајн за автобуси. Тој досега има реализирано повеќе групни изложби и неколку самостојни.
Инсталацијата „Лицата на франкофонијата“ беше инспирирана токму од принципите на франкофонијата: францускиот јазик како заедничка нишка на сите земји-членки на меѓународната организација на франкофонијата, потоа почитта на мирот, демократијата и човековите права, и на културниот и јазичниот диверзитет. Инсталацијата се состои од осум лика, изразени низ специфичниот колоритет што го користи уметникот за да ја изрази димензијата на франкофонијата како процес во сите сфери на дејствување, меѓу кои и културата.