Иницијативна група составена од членови на ДПМ со правна поддршка ќе проба да дојде до заеднички јазик со целото членство, а целта е да се разреши и надмине сложената состојба предизвикана од промените што ги налага следењето на статутот на Друштвото, сè со цел конечна консолидација на Асоцијацијата, стои во соопштението од иницијативната група на ДПМ.
– Правната поддршка се навестува како објективен медијатор меѓу членовите, а целта е заедничка и во интерес на сите: одржување изборно Собрание, доаѓање до ново раководство, а потоа и обнова на нормативните акти и на правната инфраструктура. Тоа пред сè би значело зацврстување на поврзаноста помеѓу членството на ДПМ, но и засилување на присуството на Друштвото како во заедницата, така и на меѓународна сцена. Во суштина, тоа би било осигурување на континуитетот на ДПМ, и славење на живото наследство на основачите, великани од првата генерација современи македонски книжевници, писатели и поети: Блаже Конески, Ацо Шопов, Славко Јаневски, Владо Малески, Коле Чашуле, Иван Точко, Васил Иљоски и Димитар Митрев – објаснува Живко Грозданоски, член на иницијативната група.
Друштвото на писатели денес одбележува 77 години од своето постоење.