Кон крајот на јануари, во Париз ненадејно почина Жорж Бани (1943-2023), едно од најголемите имиња на светската театарска критика. Неговиот импозантен творечки опус, во интернационалното ехо по неговото заминување е споредуван со мислата на Виктор Иго за Балзак: Во својот живот имаше повеќе дела отколку денови!

Неговите авторски книги за Питер Брук, Џорџио Стрелер, Антоан Витез, Аријана Мнушкин, како мографиите посветени на Бертолд Брехт, Јержи Гротовски и Тадеуш Кантор, влегуваат во неповторливите антологиски дострели на творечките одисеји на овие легенди на светскиот театар што духот на Бани знаеше да ги сублимира и да ги остави како наследство за идните генерации.

Како долгогодишен претседател на Светската асоцијација на театарски критичари, тој крстареше по сите меридијани и во неговото бескрајно ходочастие, од театрите во светските метрополи до најмалите театри, меѓу Африка и Азија.

Неговите текстови за современите режисери Лик Бонди, Јанис Кокос, Кристоф Варликовски, Патрис Шеро, Кристијан Лупа и други, беа пишувани со таков тип ерудиција, што еден од најславните светски режисери Томас Остермајер, на веста за смртта на Жорж Бани изјави: Жорж Бани имаше уникатен и неповторлив дух. Тој не придружуваше сите нас со неговата критика базирана на бескрајната љубов и ви неговиот лик и во неговите очи ние ја читавме живата архива на европскиот театар.

Роден во Бузау, Романија, целата негова академска кариера, заедно со неговата сопруга Моник Бори-Бани, ја поминаа на Институтот за театарски студии на Сорбона и цели генерации на критичари и театролози, како што рече поранешната француска министерка за култура Франсоа Нисен, ќе ги носат неизбришливите траги од тој духна Бани, што се подаруваше без остаток на сите вљубеници во европскиот и светскиот театар.

Со оглед на неговото потекло, беше и остана за целиот негов живот длабоко поврзан со Балканот и терзорите на неговата култура. На 29 октомври 2017 година во Националниот театар во Букурешт, беше меѓу седумнаесетте врвни балкански творци и интелектуалци, кои ја основаа Академија Балканика Еуропеана, како прва наднационална организација која ја промовира духовната меморија на Балканот на европски пиедестал.

Македонија имаше чест да го пречека како гостин на универзитетот Еуропа Прима во 2015 година и на Интернационалниот теататски фестивал Актерот на Европа во 2017 година, за време на прогласувањето на Јон Карамитру и Марсел Бозоне за Актери на Европа.

Уште еден куриозитет го поврзува Жорж Бани со македонската култура. Непосредено пред падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година, Бани го објавува енциклопедискиот број на ревијата Арт Прес, во која ги собира сите светски театарски творци под наслов: Театарот помеѓу минатото, сегашноста и иднината. Во тој тематски број, беше објавен и првиот текст на француски јазик на тогаш младиот македонски драматург, што живее во Париз, Јордан Плевнеш, со наслов: Забраните во театарот на 20-от век.

Иронијата на судбината сакаше последниот текст на Жорж Бани да биде предговорот во најновата драма од Јордан Плевнеш, „Кирил и Методиј – кои сте вие?“ што ќе излезе во печат од парискиот издавач „Куќата на Европа и ориентот“ на почетокот на пролетта 2023 година.

Насловот на овој предговор е: „Јордан Плевнеш како планетарен писател“. Нека му е вечна слава!

АКАДЕМИЈА БАЛКАНИКА ЕУРОПЕАНА