Фото: М.М.

Препознатлив со својот немирен и темпераментен потез, доследен на својот ликовен ракопис и апстрактен стил со богат колорит, ликовниот уметник Илија Спасовски – Чендо од Неготино пред кавадаречката публика синоќа се претстави со 20 нови дела работени во најголем дел изминативе две години.

Всушност изложените слики се дел од неговиот последен циклус од ликовното творештво работени во комбинирана техника пастел, акрил и колаж и претставуваат според ликовниот уметник Владимир Темков врв и најдоброто од неговиот богат ликовен опус.

 

Спасовски-Чендо е автор што ги осмислува и скицира своите ликовни концепти однапред, а ги реализира по свој логичен распоред на размислување. Изразот и аргументите од реалноста ја отсликуваат промената на ритамот на мислата. Неговите слики се апстрактни со чист ликовен израз работени во последните две години – подвлече Јулијана Туриманџова директорка на домот на културата во Кавадарци во своето обраќање на отворањето на изложбата.
Покрај своето постојано присуство и придонес во ликовниот живот на градот Неготино Илија Спасовски досега има реализирано голем број на самостојни изложби меѓу кои ги издвојуваме изложбите во: Софија, Белград, Нови Сад, Дубровник, Цирих, Винтер Тур , Битола и Скопје. Член е на ДЛУМ и добитник на наградата за сликарство „Лазар Личеновски“ во 2011 година.
M.M.