фото: Приватна архива

Младата уметница Славица Танеска утревечер во галеријата „Ко-Ра“ во Скопје, со почеток во 20 часот ќе одржи самостојна изложба насловена „Иконописот- коренот на македонското сликарство“. Ќе се претстави со 15 икони работени на ореово, липово дрво и медијапан со акрилни бои.

– По 15 години од мојата прва самостојна изложба, која ја реализирав во ЦК „Григор Прличев“ – Охрид и ја отвори познатиот академски сликар Славко Упевче ја организирам изложбата „Иконописот- коренот на македонското сликарство“. Симболично со бројот на години творештво, на оваа изложба ќе претставам 15 икони, на кои започнав да работам пред многу години. Уште кога бев во основно училиште првпат се обидов да насликам икона на Свети Никола. Да работам икони научив во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје на часовите по применето сликарство. Продолжив да се надградувам на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, особено кај професорката Невенка Величковска кај која учев конзервација и реставрација. На тие часови имав прилика да вршам конзервација и рестварација на вистински икони од 19. век работени од зографот Крсте од Велес – се сеќава Танеска.

фото: Приватна архива

Таа продолжила да прави икони бидејќи, како што ни рече, тоа е еден дел од сликарството кој посебно смирува.

– Кога работам икони ја пренасочувам целата енергија на иконата, а за возврат добивам смирение. Колку и да сум вознемирена по неколку часа работа сум сосема нова личност. Работењето на икони не можам да го споредам со ништо друго, навистина е посебно. Особено сум среќна што мои дела има во неколку цркви во Македонија и во странство, како и во приватни колекции – објаснува таа.

Според Славица Танеска иконописот е многу значајна и тешка дисциплина.

фото: Приватна архива

– Во поставките на изложените икони посетителите на изложбата ќе го препознаат влијанието од Охридската галерија на икони. Како на пример иконата на Богородица со Исус која ја искористив и во дизајнирањето на плакатот за оваа изложба. Во насловот на изложбата објаснувам дека иконописот всушност е коренот на македонското сликарство. Ако има нешто со што ние македонците може да се гордееме и да се чувствуваме барем еднакви со сите други во светот, ако не и повеќе, тоа се сигурно културата и уметноста. Корените на македонското сликарство, пак, можеме да ги побараме во црквите и манастирите, гледајќи ги фреските и иконите кои се со посебни ликовни вредности. Особено значајни се ренесансните карактеристики кои се појавуваат во македонските фрески како на пример „Ангелот“ во Курбиново или „Оплакувањето на Христос“ во манастирот Свети Пантелејмон во Нерези. Сето ова беше инспирација за мене да започнам да се интересирам за изработката на фреските и иконите, па сега да ја организирам изложбата „Иконописот – коренот на македонското сликарство – вели Танеска.

Оваа изложба е од национален интерес и е поддржана од Министерството за култура и туризам на Македонија.

М.Т.