На големата сцена песната „I’ll Be Home For Christmas“ Лара ја испеа во дует со татко и Симон откри дека токму таа секоја година прави список на омилени божиќни песни, кои ја разубавуваат топлата празнична атмосфера во нивниот дом
Вчеравечер салата на СЦ „Борис Трајквоски“ во Скопје звучеше светски. Маестро Симон Трпчески и неговите пријатели, исто така врвни уметници, по примерот на големите метрополи го одржа првиот македонски, голем новогодишен концерт. И се случи навистина вистинска музичка идила.
Концерт направен со многу љубов, осмислен до најмалиот детал, а публиката стрплива и желна да доживее нешто ново, квалитетно, но исто така домашно. Тоа беше музичко доживување што доловува музика од целиот свет, а пулсира со нашиот ритам. Ова несекојдневно задоволство траеше речиси три часа.
На почетокот, како што е ред, Симон ги поздрави присутните.
– Добровечер Скопје, добровечер Македонија, добредојдовте на овој новогодишен концерт, прв од овој тип за мене, во оваа сала со која сите се гордееме што го носи името на нашиот претседател Борис Трајковски. Во еден простор во кој сме биле сведоци на многу успеси на Македонија и за Македонија, а вечерва тука ќе свират македонски уметници. Имам голема чест да ми се прудружат големи имиња на сцената и ви благдоарам што дојдовте во олку голем број, зашто ќе го славиме животот и музиката – рече Трпчевски.
Инаку, Симон своевремено имаше прилика повеќепати да се сретне со Борис Трајковски и како што велеше сите тие средби ќе бидат врежани во неговите сеќавања, а претседателот за него секогаш ќе биде човек со големо срце и вечна насмевка.
Во првиот дел слушнеме Суита од балетот „Оревокршачка“ на генијалниот руски композитор Петар Илич Чајковски, во една малку поинаква изведба, прилагодена на настанот.
Настапија младите талентирани балерини, од балеткото училиште „И.Н. Луј“, како и членките и првенците на балетскиот ансамбл на НОБ. Трпчески, заедно со неговиот колега од Тетово, поранешен студент и професор, Шкељзен Бафтијари, свиреше на пијано четирирачно и соло, а на голем видео бим постојано се редеа пригодни зимски и новогодишни илустрации, во согласност со темата на музиката што ја слушавме.
Инаку, „Оревокршачка“ е новогодишно-божиќна бајка која мириса на снег, карамела и на цимет и е најизведуваното класично балетско дело за овој период од годината.
Првиот дел на концертот заврши со „Валсот на цвеќето“ на славниот руски композитор Чајковски, чија музика во изведба на Трпчески звучеше нежно и разиграно, но и моќно и вонвременски, како да свири цел оркестар.
По кратката пауза, Симон настапи со своите колеги: виолинистот на Македонската филхармонија Владимир Крстев, Паскал Краповски, прво виолончело на Македонската филхармонија, Влатко Нушев на перкусии, професор на Музичката акдемија во Скопје, на кларинет свиреше Хидан Мамудов, кој за оваа прилика допатува од Виена, на виолончело, го слушнавме Александар Сомов од Софија, Бугарија, а на контрабас свиреше првиот контрабас на Македонската филхармонија Александар Попхристов.
Блокот почна со изведба на „Аве Марија“ на Јохан Себастијан Бах и Шарл Гуно, што оперската певица Гонца Богоромова Краповски, сопран, со кристално чист глас што плени, која во својата успешна музичка кариера сорабнотувала со врвни уметници и анасамбли, ја изведе од трибините во придружба на пијано на Трпчески.
Потоа нејзиниот колега Иван Наумовски, басбаритон, македонски оперски уметник со меѓународна кариера, во партерот пееше на германски за црвените рози, делејќи им цветови на дамите.
Ги слушнавме со уште неколку вечни популарни класични теми, што ги пееја заедно, а притоа имавме можност музички да патувавме низ светските меридијани.
Премиерно слушнавме и еден необичен музички спој на „Турскиот марш“ на Моцарт и на македонската народна песна „Сербез Донка“, во аражман на Влатко Нушев.
Прозвучеа уште неколку дела од популарната класика со нови аражмани на композиторот Панде Шахов, кој за овој коцнерт специјално дојде од Лондон, како „Танц на џуџињата“, „Гранада“, „Игра на сабјите“ на рускиот композитор Арам Хачатурјан….
Во третиот дел следуваа најпознатите божиќни песни како: „Тивка ноќ“, што заедно ја изведоа Гонца, Иван и Андријана Јаневска, која свиреше и на својот инструмент виолина, по што публиката уживаше во изведбите на: „Еxtraordinary you“, „Over the rainbow“, „White christmas“, „Let it snow“, „Baby It’s Cold Outside“…
Запеа и ќерката на Симон, Лара Трпческа, која заедно со Ирина Давидовска во 2022 година беше македонска претставничка на „Детскиот евросонг“.
На вчерашниот концерт таа песната „I’ll Be Home For Christmas“ ја испеа заедно со татко и.
Симон откри дека токму Лара секоја година прави список на омилени божиќни песни, кои ја разубавуваат топлата празнична атмосфера во нивниот дом. Тој откри дека им ветил на децата и на сопругата оти оваа година цел месец ќе биде дома за празниците, што очигледно ретко се случува, но тоа е една од жртвите на професијата.
Пред самиот крај светскиот новогодишен хит на Мараја Кери „All I Want For Christmas Is You“ прозвучи извонредно во изведба на Андријана Јаневска.
За неа, како што рече, ова бил еден од најдрагите настапи во кариерата и чест што ја дели сцената со маестро Трпчески.
Вечерта, во која се почувствувавме како да сме во Виена или во некоја друга светска престолнина, заврши со звуците на „Радетскиот марш“ на Јохан Штраус сениор, во што активно со својот аплауз учествуваше и публиката.
На крајот Симон Трпчески им се заблагодари на сите што искрено влегоа во овој пионерски потфат, зад кој застана „Прагма продукција“.
– Им благодарам на пријателите на музиката во Македонија. Горан Стефановски рекол дека „ние сме центар на светот“, но еве и светот го донесеме кај нас. Во име на сите учесници посакувам да тргнеме конечно напред за Македонија. Среќна нова година – посака Трпчески, додека ракоплескањето на задоволната публика се уште траеше.
Несомнео сите присутни, а ги имаше околу пет илјади, уживаа синоќа, а се надеваме дека овој празник на музиката ќе стане традиција секој декември.
Марија Таушанска