На 23 октомври 1941 година, при формирањето на партизанскиот одред „Гоце Делчев“ во месноста кај манастирот кај велешкото село Степанци, тројца борци добиле задача да создадат песна што ќе биде химна на одредот и со која требало да се поттикнува борбениот морал на македонските борци, а наедно да се поттикнува македонското население за вклучување во Народноослободителната и антифашистичка борба. Задачата им била доверена на Крсте Црвенковски, Коле Чашуле и на Ордан Михајлоски-Оцка
Знаменитостите на Македонија
Македонската песна „А бре, Македонче“, која се одликува со борбен и патриотски карактер, настана во периодот на Народноослободителната и антифашистичката борба на македонскиот народ во Втората светска војна. Во екот на борбите против окупаторите на Македонија се оформува како неофицијална химна на македонското партизанско движење, а денес има култен статус и се вбројува како македонска народна песна, покрај фактот што е создадена од Крсте Црвенковски, Коле Чашуле и од Ордан Михајлоски-Оцка. Според податоците и пишувањата на Коце Солунски и Љубен Георгиески-Љупта, хроничари на македонската Народноослободителна и антифашистичка борба, песната „А бре, Македонче“ е напишана во прилепскиот крај, два месеца пред македонската химна „Денес над Македонија“. Постојните податоци велат дека настанала во периодот меѓу 23 октомври и 8 ноември 1941 година, кога ја имала својата прва изведба во прилепското село Царевиќ, на првиот народен собир.
На 23 октомври 1941 година, при формирањето на партизанскиот одред „Гоце Делчев“ во месноста кај манастирот кај велешкото село Степанци, тројца борци добиле задача да создадат песна што ќе биде химна на одредот и со која требало да се поттикнува борбениот морал на македонските партизани, а наедно да се поттикнува македонското население за вклучување во Народноослободителната и антифашистичката борба. Задачата им била доверена на Крсте Црвенковски, Коле Чашуле и на Ордан Михајлоски-Оцка. Овие борци не биле случајно избрани. Крсте Црвенковски како политички комесар на одредот имал задача да испрати порака до борците и народот за помасовно учество во борбата, Коле Чашуле со својата писателска дарба дал придонес во составувањето на текстот, а Ордан Михајлоски-Оцка, кој бил талентиран и образуван виолинист, учествувал во создавањето на музиката за песната.
Оваа песна е постојано присутна и употребувана во секојдневното општествено живеење на Македонија и македонскиот народ. Аранжманот е најчесто во тричетвртински такт, снимена од многу изведувачи. Таа се изведувала во првиот македонски игран филм „Фросина“ во 1952 година по аранжман на композиторот Трајко Прокопиев, како и во македонскиот игран филм „До победата и по неа“ од 1966 година. Популарен е и дуетот на македонските изведувачи на народни песни Никола Бадев и Александар Сариевски, а мешаната група и народниот оркестар на „Танец“ ја издале на винил-албум во 1974 година во издание на ПГП-РТБ. Песната е снимена и од „Леб и сол“, за првпат објавена во албумот „Звучен ѕид“ од 1986 година, понатаму преработувана и толкувана во инструментална форма од македонскиот виртуоз на гитара Влатко Стефановски и Гарабет Тавитјан со неговата група „Парамециум“.
Д.Ст.
Првобитен текст
А бре, Македонче, каде се спремаш? Бојот те чека, бој за слобода. Бој за слобода, за Македонија,
за Македонија, земја поробена. Мажи накитени, жени наредени, в борба ми одат, борба за слобода. Нека разберат денешните тирани, Македонско име нема да загине!
Алтернација
А бре Македонче, за каде се спремаш? Борба те чека, борба за слобода. Борба за слобода, за Македонија, за Македонија, земја поробена. Момци наредени, моми накитени, борба ќе одат, борба за слобода. Борба за слобода, за Македонија, за Македонија, земја поробена. Нека разберат клетите фашисти, македонско име нема да загине!