Уметничко-кураторски проект на Архитектонскиот факултет
Уметничко-кураторски проект со наслов „Градот како сцена: Изведување на јавниот простор“ се одржа на Архитектонскиот факултет – УКИМ-Скопје. Во рамките на настанот се одржаа предавање и разговор на темата „Градот е јавност – Приказна за шетачката“, како и изложба на процес на работа во рамките на Лабораторијата за просторно-изведувачки практики. Настанот се заокружи со музички перформанс на бендот „Алембик“. Дел од предавањето и разговорот беа: Софија Григораиду (кураторка – МСУ-Скопје), Владимир Јанчевски (куратор – МСУ-Скопје) и Филип Јовановски (Архитектонски факултет – УКИМ-Скопје). Други учесници се Мартина Пенева, Екатерина Николовска, Крсто Глигорјадис, Ивана Самандова, Димитар Милев, Екатерина Добривојевска, Марија Аризанковска и Катарина Томиќ.
Предавањето и разговорот се фокусираа на краток историски преглед на терминот „шетач“, како и кураторска рефлексија на новиот перформативен истражувачки проект „Градот е јавност“. Овој проект следува како надоврзување на работата на „ФРУ“ во објектите и јавните простори како Железничката зграда, Универзална салата, Македонската пошта, објектот Домче, ГТЦ и плоштадот „Македонија“ во Скопје.
– Оваа платформа, преку создавање активности, кои најчесто имаат перформативен завршеток, има цел да истражува различни медиуми и нивната интердисциплинарна конекција – визуелна уметност, архитектурата, театар, видео, филм и просторни инсталации. Пристапот и методот на работа, исто така, ги истражува уметничката изразност и потенцијал и во областа на сценографијата, како и нејзиното проширено значење, често артикулирано низ новите/современи дефиниции на терминот сценски дизајн, „нова“ дисциплина што обединува во себе повеќе уметнички медиуми и создава комплексен (сценски) простор на доживување. Исто така, една од идеите на овој проект е поврзувањето на просторот/архитектурата, градот и театарот/сцената и како од сето тоа да се извлече приказна, која подоцна ќе прерасне во изведба (интервенција) во јавен простор – објаснуваат од „ФРУ“.
Покрај вклученоста на студентите и граѓаните во работа што претставува основа за градење на содржината на проектите со кои ќе се занимава лабораторијата, ваквиот пристап овозможува и можност за активирање соработка со разни институции на државата и локалната самоуправа, но и проектни соработки со слични колективи од регионот и од Европа, кои веќе имаат остварено значителни успеси во процесите на одржување и надградување на вредностите поврзани со дискурсот на јавното во градовите.