Концерт на Македонската филхармонија
„Поврзување“ е насловен концертот на Македонската филхармонија што ќе се одржи вечерва, во 20 часот. На програмата ќе бидат изведени: „Интермецо“ од познатата опера на Џакомо Пучини, „Манон Леско“ (1892), концертот за гитара и оркестар „Аранхуез“, најпознатото дело на шпанскиот композитор Хоакин Родриго (1901-1999) и Симфонија бр. 4, оп. 90, во А-дур, „Италијанска“ од германскиот композитор, пијанист и диригент Феликс Менделсон.
Диригент е маестра Бисера Чадловска, а како солист ќе настапи еден од најбараните гитаристи Рафаел Агире (Шпанија) на гитара.
Диригентката Бисера Чадловска (1978, Скопје) дипломира во 2001 година на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на oтсекот по оркестарско диригирање, во класата на проф. Фимчо Муратовски. Постдипломските студии по симфониско и оперско диригирање ги завршува на Државната музичка академија во Софија. По завршувањето на студиите почнува да работи како хор-мајстор во Македонската опера и балет. Набрзо почнува да напредува и да асистира во подготовките на сите нови премиери на сцената на МОБ. По неколку години работа како хор-мајстор и асистент диригент, ја добива својата прва премиера – операта „Таен брак“од Доменико Чимароза, за отворањето на манифестација „Скопско лето“ во 2005 година. Како резултат на работата на оваа опера, добива стипендија од фондацијата „CEE Истерн мјузиктиатар“,што ѝ се овозможува посета на семинари и настап со оперскиот оркестар од Темишвар, Романија. Потоа се редат голем број претстави од репертоарот на МОБ. Таа се докажува како оперска и балетска диригентка и денес го диригира речиси целокупниот репертоар на сцената на МОБ. На сцената на МНТ како диригентка го поставува првиот лиценциран мјузикл во Македонија – „Чикаго“. Добитничка е на наградата „Георги Божиков“ (2015) за континуирана изведба на дела од македонски композитори.
Рафаел Агире денес е еден од најбараните гитаристи, кој има освоено 13 први награди на значајни натпревари и настапувано во над 40 земји како солист. Минатата сезона реализира турнеја во САД, меѓу другото и во „Карнеги хол“ во Њујорк, но дебитира и во Кина, а настапи и со Прашката филхармонија, со Филхармонијата на Монте Карло, Националниот оркестар на Шпанија, премиерно изведувајќи го Концертот за гитара од познатиот современ композитор Јоан Валент. Секако, во неговата досегашна концертна кариера се вбројуваат настапи и во „Концертгебау“ во Амстердам, на фестивалот „Вербие“, „Чајковски“ во Москва, во филхармонијата „Елб“ во Хамбург, Кралскиот театар во Мадрид итн., а настапувал и со музичари од Берлинската филхармонија, пијанистот Ланг Ланг, сопранот Фатма Саид…, што е доволен репер на кое ниво е овој славен уметник. Рафаел Агире е посветен на проширување на репертоарот на инструментот што го свири, па, така, соработува со многу живи композитори што пишуваат специјални дела за него, вклучувајќи и фламенко, шпанска популарна, латиноамериканска, поп и филмска музика. Соработува со врвната виолончелистка Надеж Роша, со која го издаде „La Vida Breve“ за „Арс продакшн“. Значајна е неговата изведба на светската премиера на делото „Fulgores“ од Лоренцо Паоломо, за издавачката куќа „Наксос“, а скоро за „Ворнер класикс“ издаде албум со сопранот Фатма Саид. Агире добива фантастични критики за неговите изведби, а исто така беше номиниран и за латинското „греми“. В.Д.