И оние што не сакаат поезија го запознаа како човекот што рецитира песни во автобусот со број „41“, кој вози на релација Железничка станица-Драчево и обратно. Горазд Китановски – Кени има 28 години, пишува поезија, слемира, прави филмови и живее во Драчево.
Еден ден, сакајќи да ја промовира својата нова книга „Бетер Times“, тој дошол на идеја дека поезија треба да чујат сите, посебно оние чиј живот не е поезија. Книгата е препознатлива по тоа што е напишана рачно, а потоа се направени фотокопии. Промоцијата на книгата се случи токму во автобусот со број „41“, кога Кени застанал среде толпата и почнал на глас да рецитира поезија.
– Во автобусот со број 41 кога влегов со замисла да перформирам, да направам промоција на книга – немав никаква идеја што ќе се случи, не бев свесен што ме чека на следната станица. Реакцијата на патниците беше бесценета. Тогаш дознав – секој човек сака поезија, бидејќи поезијата е крик на љубовта, а кој човек не сака љубов? (Има и такви, ама малку се. А и тие, сепак, нешто сакаат ). Целиот тој момент беше многу интересно чуден. Рачно напишана книга насловена „Бетер Times“ доживеа промоција во драчевски автобус. Драчево и поезија. Никогаш претходно во иста реченица. Видеото стана вирално. Беше и на вести. Поезија на вести, а? Тој момент ми даде, не ветар – ураган во грб – раскажува Горазд.
Автобусот не е единственото место каде што овој поет има направено перформанс. Тој не ја бира локацијата специјално, дозволува моментот да го понесе.
– Во градски парк, на плоштад, во чаршија, во дворче, спомен-клупа на Горан Стефановски, на многу други клупи низ Скопје, во автобус, во кафулиња каде што имало пет гости заедно сосе келнерот, газдата и неговиот пријател, во скутот на „една“ девојка, на „МалеМале“ книжевниот фестивал во Берово и Пехчево, на Боб Марли деј во Градски парк пред неколку илјади луѓе,, на „Д-фест“, во „Шортбас“, во Битола како загревање за групата „Мизар“, пред пријатели при секоја можност во секојдневието да се изрецитира стих, во „Буква“, на промоции кај Тихо, во МКЦ, на „Струшки вечери на поезијата“, во Прилеп на слемерските настани, во магичен парк во Лисабон, Наполи, сончева плажа, театар во селце во Романија (селото беше исто како Долно Лисиче, моите драчевски соседи), пред огледало, под осамено небо… Исто така започнав со организирање на слободни настани „Поетување со Кени“ и досега имам организирано десетина настани низ Скопје и Македонија – зборува Кени за низата свои настапи.
Според него, она што е најважно во нечиј живот е да дава. Да споделува радост и љубов. Токму затоа, вели за себе, и не одбира каде ќе настапи, сѐ додека може да види и макар едно насмеано лице.
– Понекогаш е доволно да бидеме тивки во својата среќа и со таа сама, но не и осамена радост, до принесуваме планетата Земја да биде поубаво место за живеење. Не секогаш треба видливо и гласно да делуваме за да причиниме промена. Од друга страна, сметам дека е себично убавото да го чувам во себе. Се чувствувам должен да бидам гласен, да вибрирам весела енергија, на некој мистичен начин добивам безмачна потреба да помагам на луѓето во мојот дом, улица, населба, град, држава, свет. Најубавото за споделувањето на среќа е што колку повеќе споделуваш, толку повеќе се зголемува. Пламенот на љубовта не сакајќи се пренесува. Никој ништо не губи. Не се троши. Ја има во изобилство, неограничено. Од друга страна сметам дека математиката е лага. 1+1=3. Можеби затоа професорката во средно ме оставаше на полагање, во август. Не ме слушајте. Не се разбирам во математика, денови и бројки. Не верувам на ексел табели со прецизно изманипулирани формули за манипулација на перцепција. Верувам во љубов, онаа неизмерната. А и како можам јас да бидам среќен, ако тебе не ти е добро? Или обратно? Нашата човекова природа е да си помагаме еден на друг. Замисли да се случи несреќа на плоштад? Каква ќе биде реакцијата? Колку луѓе интиутивно ќе се стрчаат кон личноста да ѝ помогнат? За тоа сме родени. Да си служиме еден на друг. Доста се докажуваме, ајде да се сакаме. Уште колку треба да нѐ згазат за да сфатиме дека треба да си подадеме рака? Уште колку светови треба да ни се срушат на глава за да видиме дека кога нешто на тебе паѓа и мене ми создава рана. Зошто толку грдоглаво се држиме до своето? Зошто не ги прифатиме различностите и славиме единството? За-едно сме овде, сакале ил не. Ова е нашиот дом. Од нас зависи во каква куќа ќе живееме – вели Кени.
За Горазд Китановски светот без поезија нема смисла. Според него, секој човек треба да чита барем по една песна дневно.
– Живот без поезија невозможно е да постои. Дури и телепатски да почнеме да комуницираме. Да немаме потреба од запишување и читање. Всушност поезијата не секогаш се пишува и чита, поезијата се доживува и живее и сѐ дур има барем еден човек на планетава ќе постои и поезија. Зошто да не се обидеме со нови, иновативни методи и решенија. Методи од иднината. Се сеќавате кога за време на пандемијата беше 20 евра казна доколку не носиш маска, и тоа на отворено? Замисли 20 евра да биде казна доколу не си прочитал ниедна песна во текот на денот. Поетлицајци шетаат по улиците и те проверуваат која песна си ја прочитал денес. Ако не си прочитал, на глас пред нив треба да читаш и плус да платиш 20 евра казна. Па ќе видиме утре дали нема да читаш. Со секое атомче, светлинка од моето постоење верувам дека читањето барем една песна на ден може да ти помогне да се себеспознаеш, да добиеш пристап до космички „даунлоди“ и да вдахнеш љубов – зборува поетот.
Во моментов тој пишува книга и снима филм насловени „НИЕ“, чија премиера и промоција предвидено е да се одржат во октомври. Вели дека книгата ја пишуваат сите, дека не постои еден автор.
– „НИЕ“ e социјално ангажиран проект што има за цел да нурне во човековото срце и да ја изнесе на површината сета скриена убавина што од нас извира. Пишуваме книга. Заедно со цела Македонија. Книгата нема автор. Сите НИЕ сме автори на книгата. Како го правиме тоа? Запишувам еден стих на лист и ливчето го давам на случајни минувачи низ градовите. Луѓето ја допишуваат песната. Истовремено го документираме (снимаме) процесот на пишување на книгата. Снимаме и интервјуа со исклучителни луѓе на тема јазик, зборови, говор, поезија. Процесот е просто неверојатен. Досега имаме собрано повеќе од 5000 стихови и јас сум вчудоневиден од зборовите што луѓето ги имаат напишано. Едвај чекам да излезе во јавноста – вели Кени.
Китановски во 2021 година ја освои наградата во слем-поезија за 2021 година и годинава треба да ја претставува Македонија на Европското првенство во слем-поезија, кое ќе се одржи во Рим, Италија.
– Среќен сум што оваа година ќе ја претставувам Македонија на Европското првенство во слем-поезија, кое ќе се одржи во Рим, Италија. И која ирноија. Треба да ја претставувам Македонија на европско првенство, а сам треба да го финансирам патувањето. Пешки ќе тргнам ако треба, не е проблем. Нема да биде првпат да „хичхајкам“ низ Европа. Исто така крајно време е и поетски слем Македонија да стане официјална организација/институција и да овозможи услови за патување за националните победници – вели Кени.
Китановски досега имал повеќе од 200 јавни перформанси ширум земјава, но и Европа, а од неодамна почна со настани насловени „Поетување со Кени“. Викендов тој ќе има настап во Охирд и во Струга. За своите книги, настапи и проекти вели дека сите се финансирани од небото и ѕвездите и дека верува дека во иднина институциите конечно ќе ја согледаат енергијата и креативноста што тој ја прикажува.