Членовите на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) вечерва во „Мала станица“ ја отворија својата Годишна изложба и воедно одржаа протест од кој упатија неколку барања до Владата и Министерството за култура.
Со транспаренти во раце: „ДЛУМ 75 години без простор“, „Бараме вработување“, „Достоинствени услови за уметниците!!!“, „Поголем медиумски простор за култура!!!“, „ДЛУМ пред стечај“, уметниците побараа Галериски простор, поништување на финансиски долг кон ГТЦ, вработување и слично.
Јана Манева Чупоска, претседателка на Друштвото на ликовни уметници на Македонија изјави дека главните точки кои што ДЛУМ ги бара се професионално дејствување во својата област. Таа информира дека овие барања ги истакнала на неодамнешниот состанок со правна службеничка во Министерството за култура и посочи дека уште немаат одговор. Манева Чупоска посочи дека нема да застанат се додека властите не ги разберат сериозно и не ја почитуваат нивната професија.
– Мислам дека сме единственото здружение коешто апсолутно нема никакви услови. Ние во месец јуни потпишавме меморандум за соработка со неколку здруженија – Друштво на писателите и Сојузот на композиторите, каде во разговор утврдивме дека тие се далеку во подобра ситуација. ДЛУМ бара галериски простор, ДЛУМ бара едно вработување, ДЛУМ бара Владата да го поништи долгот спрема ГТЦ, кога ДЛУМ имаше галерија на Кејот. Оттогаш, значи од самото постоење, ДЛУМ е навистина сираче коешто секогаш било на сите страни отфрлено. Имаме силен аргумент да се обратиме до надлежните институции, пред се до Владата и до Министерството за култура и другите министерства коишто ќе сметаат дека ќе може да ни помогнат во пронаоѓање на галериски простор – рече таа.
Оние неубави работи и тепачките меѓу младите, претседателката на ДЛУМ смета дека се резултат на тоа што младите апсолутно не посетуваат доволно музеи и не посетуваат културни настани. Таа смета дека во медиумите недостасува поголем простор за култура. Според неа, лесно е да се согласат дека ДЛУМ нема потреба да постои и да се формира ново друштво.