Како главен протагонист на 2023 година се издвојува Влада Урошевиќ, кој ја освои наградата за роман на годината, исто така е годинашен добитник на „Златен венец“ на СВП. Од печат излезе и неговата одлична нова книга „Вонземјанки: раскази од Латинскиот кварт“. Тука ќе го спомнам и „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ на авторот Владимир Јанковски, дело што ги содржи разговорите што Јанковски ги водел со Влада Урошевиќ во временски опсег поголем од дваесет години, посочува Владимир Мартиновски
Македонската книжевна сцена е во бујна пролет. Годинава се збогати со многу нови наслови, нови автори… можеа да се прочитаат навистина интересни приказни. Многу ракописи добија заслужени признанија, награди… Со наши книжевници, книжевни критичари, писатели направивме кратка селекција за тоа кои дела ја обележија 2023 година.
Поетот, раскажувач, есеист и декан Филолошки факултет „Блаже Конески“, Владимир Мартиновски, ни одговори брзо и концизно.
– Мислам дека на книжевен план 2023 година беше во знакот на Влада Урошевиќ, кој ја освои наградата роман на годината за книгата „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“. Исто така тој е годинашен добитник на „Златен венец“ на СВП, третиот македонски автор (по Блаже Конески и Матеја Матевски) што го добива тоа признание, а од печат излезе и неговата одлична нова книга „Вонземјанки: раскази од Латинскиот кварт“. Тука ќе го спомнам и „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ на авторот Владимир Јанковски, дело што ги содржи разговорите што Јанковски ги водел со Влада Урошевиќ во временски опсег поголем од дваесет години. Тешко е да се наброи сѐ – посочува Мартиновски.
И Александар Прокопиев, прозаист и есеист, ни сподели што според него ја маркира изминатава година.
– Како читател постојано опкружен со книги, вистинско задоволство е да се наиде на добрo четиво во кое ќе го насладувам своето љубопитство.
Оваа година тоа задоволство ми го донесе новиот роман од Орхан Памук, „Ноќи на чума“, монументално дело. Ретко еден ваков опширен роман да се преведе на македонски јазик и, ќе потенцирам, со добар превод. Романот е полн со изненадувања и загатки. За човек што има одредени читателски хоризонти во однос на романескната поетика на Памук, ова е една поинаква книга на овој современ и читан автор, на трагите на големите мајстори на прозата од мановски тип. Од македонските автори исто така пријатно ме поттикнаа две книги. Најпрвин, „Небиднина – графички омнибус“, во која четири одбрани песни на Ацо Шопов се поттик за четири индивидуални визуелни остварувања на Жарко Иванов, Иван Ивановски, Владимир Лукаш и Крсте Господиновски. Овој исклучително иновативен проект, не само што ги преплетува зборот и ликовното туку и во графиката, како и четирите анимирани филма создадени од четворица силни, индивидуални, чувствителни автори. Втората книга од македонски автор е од поинаква област, свежа и откривачка за мене како постапка и предаденост во однос на материјата што ја обработува. Станува збор за збирката студии и есеи за античката литература „Споделена антика“ на Дарин Ангеловски, што, како што кажува и самиот наслов, го обмислува оваа извонредно скапоцено книжевно наследство во своевиден дијалог со современите книжевни и културолошки знаења – ни сподели Прокопиев.
Александра Јуруковска, книжевна критичарка, ни направи листа со најзначајни наслови според неа за 2023 година. Таа ја издвои стихозбирката „Две мориња“ од Јосип Коцев како негово најзрело поетско остварување досега.
– „Две мориња“ е пространство (мало по обем, а бескрајно по значење) од кое извираат неодоливи слики на страст, копнеж, љубов и еротски полнеж. Книга непроценлив влог во највисоките врвови на македонската лирика. Ќе ја спомнам секако и „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ од Влада Урошевиќ („Арс Либрис“), која е возбудлива авантура, мистерија, фолклорна архива, „поинаков портрет“ на Скопје низ чуда, чудовишта и многу кодови. Книга што исто така ја обележи годинава е „Папокот на светлината“ од Венко Андоновски („Три“), книга што си поигрува со секогаш отворените граници на романот како жанр, а во исто време длабоко ги промислува прашањата за (не)моќта на семиотиката, за губењето или раѓањето на (с)мислата во јазикот и писмото. Во фонот на вечната тема за бесмртноста е пренесена и вечната игра на значењето, кое се префрла од текстот на маргините и обратно – споделува Александра.
На нејзината листа се вбројува и „Единствен матичен број“ од Лидија Димковска („Три“). Тоа е книга за премолченото, за потрагата по себеси во туѓите приказни и губењето во „пустина“. Роман што го детронизира митот за семејството како безбедно место и извор на радост и потсетува дека зад големите настани од некоја/секоја национална историја, секогаш стојат лични трауми и многу невидливи жртви. Многу и’ се израдував и на “Самодиви” – панорамата на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес. Јулијана Величковска и Славе Ѓорго Димоски отворија широк мегдан за ново исчитување на нашата поезија. Научив за жени од минатото на кои им должиме многу, но и за неколку нови имиња за кои допрва ќе се пишува. И книжевниот критичар Далибор Плечиќ ни направи краток осврт на македонската книжевна сцена.
– Годинава што веќе ја држи кваката од вратата за заминување нема да остане запеметена по некои спектакуларности во литературата и културата, но тоа одамна веќе не е нешто што може да се очекува во светот што го сметаме за наша реалност. Како и да е, 2023 година сепак останува на линијата на подемот на македонската проза и македонската книжевна продукција генерално, кој трае веќе повеќе од деценија. Македонската книжевност полека но стабилно се позиционира во регионални и европски рамки со сѐ поголем квантитет на објавени дела на македонски, но и со сѐ повеќе награди освоени надвор од рамките на државата, а од страна на македонски авторки и автори. Како главен протагонист на 2023година можеме да го издвоиме (веќе слободно може да се каже) култуниот македонски поет, писател, книжевник, преведувач Влада Урошевиќ. Оваа година од печат излезе неговиот најнов роман со име што може со метар да се мери: „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени: старовремски роман“, а за кој Урошевиќ ја доби наградата „Роман на годината“. Интелектуалната виталност и креативност на професорот се импресивни, што го покажува плотот на романот и стилот на кој е напишан. На трагата на ова издание ќе ја додадам и книгата на еминентниот писател Владимир Јанковски: „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала; разговори со Влада Урошевиќ“, книга во која Јанковски поставува прашања на кои Урошевиќ одговара и нуди еден вид авторефлексија за сопственото творештво, за некои аспекти од сопствениот живот, за феномените од македонската литература и, воопшто, култура. Би го спомнал и новиот роман на Фросина Пармакоска – „Сè уште можам нешто да сторам“, како и дебитантскиот роман „Ронлива“ на Милена Сиљановска. Би издвоил дека награда за најдобар стрип на шестиот конкурс за стрип-лифт доби Ѓорѓе Јовановиќ за стрипот „Наскоро градот ќе падне“. Исто така и дека во светот на филмската теорија се појави дебитантската книга на глумецот и режисер Васил Михаил, „Филмска објектологија (Моќта на невидливото)“, теориска книга со иновативна терминолошка и тематска компонента – подвлекува Плечиќ.