Новата илустрирана книга за деца „Гатанки за сѐ и сешто и за уште нешто“ од младата авторка Магде Ангова беше промовирана во книжарницата „Литература.мк суперстор“. Промоторка на книгата беше уредничката Оливера Ќорвезироска. Пред присутните на промоцијата, дел од гатанките интерпретираше шестгодишната ќерка на авторката, Илина. Изданието е збогатено со илустрации од Елена Давчева-Стојановска.
„Гатанки за сѐ и сешто и за уште нешто“ е игрива, тематска збирка што ги оживува и ги осовременува гатанките како специфичен жанр, омилен и популарен за децата од ниските одделенија. Со досетлив лирски избор на заглавните зборови – решенија на гатанките, и со опуштен, врзан стих со рима, Магде Ангова создала интересен поетски свет за видливите и невидливите нешта што децата треба само да ги препознаат или допрва да ги научат.
Книгата на забавен и интересен начин го отсликува светот околу нас. Многу предмети, животни, растенија и личности што нѐ опкружуваат и се среќаваме со нив во секојдневниот живот се прикажани, опеани со необична и игрива рима. Со „Гатанки за сѐ и сешто и за уште нешто“ децата ќе се забавуваат, ќе научат многу интересни работи за светот што ги опкружува, а родителите, читајќи им ја книгата, ќе поминат квалитетно време со своите најмили.
Магде Ангова e родена во 1987 година. Живее во Гевгелија, а работи во Општина Дојран како лице за односи со јавноста. Таа е магистерка по медиуми и комуникации, а во моментов ја завршува и магистратурата по психологија. „Гатанки за сѐ и сешто и за уште нешто“ е нејзина прва книга.