Здружението „Споделено знаење“, кое се занимава со проектите на Викимедија, како што се Википедија, Ризница, Википодатоци…, објавува фотонатпревар „Вики го сака фолклорот 2023“, кој е насочен кон фолклорот од Македонија.
– Се известуваат сите заинтересирани дека од 1 февруари до 31 март ќе трае наградниот фотографски натпревар „Вики го сака фолклорот 2023“, при што ќе биде неговото прво македонско издание, организирано од здружението „Споделено знаење“. Македонското издание ќе биде во рамките на четвртото меѓународно издание на „Вики го сака фолклорот“. Македонскиот натпревар е со цел обезбедување слободни фотографии од фолклорот од Македонија. Целта на тие фотографии е понатаму во иднина да бидат користени од документарен и информативен карактер, односно за подобра илустрација во статиите на Википедија, како и за другите слободни викимедиини проекти – се вели во соопштението.
Има две категории награди: локални (македонски) и меѓународни.
Најуспешните фотографии според оценката на локалното стручно жири ќе бидат наградени со парични награди, доделувани од „Споделено знаење“, и тоа: прва награда за најдобро оценета фотографија – денарска противвредност од бруто 400 евра, втора награда 200 евра и трета награда 100 евра. Како и награда за учесник со најмногу фотографии – денарска противвредност од бруто 300 евра.
Најуспешните фотографии, според оценката на меѓународното стручно жири, ќе бидат наградени со ваучерски награди, односно прва награда за највисоко оценета фотографија – ваучер од 500 долари. Втора награда од 400 долари, трета награда од 300 долари. Утешни награди за другите десет највисоко оценети фотографии – 10 ваучери од по 40 долари. Награда за најдобро видео и награда за најдобро аудио по датотека – два ваучера од по 150 долари. Две награди за учесници со најмногу закачени фотографии – ваучер од 100 долари (прво место) и ваучер од 50 долари (второ место), како и разгледници со „Вики го сака фолклорот“ за најдобрите 100 закачувачи на фотографии.