Амбасадата на Франција, Францускиот институт во Скопје и Агенцијата за филм на Македонија имаат чест да ве известат дека започнаa тридневните професионални филмски средби и работилници со францускиот филмски продуцент Паскал Јуделевиќ, претседател на „Акажу продуксион“ од Париз, со четириесетгодишна кариера и повеќе од 30 продуцирани филма.
Најпрвин, Сашко Потер Мицевски, директор на Агенцијата за филм, срдечно ги пречека Грегоар Жислер, директор на Францускиот институт во Скопје и советник за соработка и култура при амбасадата, и Паскал Јуделевиќ на состанок. Веднаш по работниот состанок се одржаа работилници со десет носители на проекти, кои ги презентираа своите проекти и добија професионални видувања од страна на францускиот продуцент Јуделевиќ, како и потенцијални можности за соработка.
Во средата се одржаа неколку средби за проектот на Јуделевиќ, „Седум дена, еден филм“, со неколку филмски професионалци од Македонија, а вчера се одржа работилница за пишување сценарио на Факултетот за драмски уметности, во рамките на која беа опфатени основите на драматургијата, конструкцијата на нарацијата и преминот од идеја во сценарио. Оваа работилница беше наменета пред сè за студенти, млади автори и за идни филмски работници.
Преку оваа тридневна програма, Амбасадата на Франција, Францускиот институт во Скопје и Агенцијата за филм ја потврдуваат заедничката посветеност на филмското творештво преку едукацијата на младите професионалци и дијалогот помеѓу француската и македонската филмска сцена, како и организација на сеопфатни активности во доменот на филмот предвидени со Договорот за копродукција меѓу Франција и Македонија, потпишан помеѓу двете земји во февруари 2021 година.