Почна Фестивалот на грчки филм

Синоќа почна четвртото издание на Фестивалот на грчки филм во Кинотеката на Македонија, со проекцијата на филмот „Не би сакал да сум непристоен, но мораме сериозно да разговараме“ на Јоргос Георгопулос, на кој му претходеше проекцијата на краткиот многукратно наградуван грчки филм „Тишината на рибата што умира“ на Василис Кекатос.
Организатори на настанот се Амбасадата на Хеленската Република во Македонија, Конзулатот на Хеленската Република во Битола, Александар Видурис и меѓународниот филмски фестивал „Киненова“.
– Голема ексклузивност на овој фестивал носи македонската и регионална премиера на најновиот хеленски контроверзен филм „Жена убиец (Фониса)“ на режисерката Ева Натена. Инаку овој филм, во моментов е еден од најгледаните филмови низ Хеленската Република и се однесува на карактери што реално постоеле и настани што реално се случиле некаде околу половината на 19 век, но слични случувања на оваа тема се провлекуваат до ден-денес во повеќе делови на Хеленската Република. Се работи за погубување женски деца поради лошата положба на жената во тогашното општество на територијата на Хеленската Република, а се потекнува од законот за мираз, кој, иако е незамисливо и шокантно, бил дел од позитивното грчко законодавство дури до 1983 година. Според овој закон, родителите на женските деца се обврзани при склучувањето на браковите да го даруваат семејството на идниот сопруг на нивното женско дете со значаен мираз без разлика на нивната материјална состојба – се вели во најавата.
Ева Натена е родена на Крит. Студирала на Атинската школа за ликовни уметности. Работела како асистентка на сценографот Дионисис Фотопулос, а потоа продолжила да работи со театарски и филмски режисери како Коста Гаврас и Пантелис Вулгарис. Трипати била наградувана со Државна награда за костимографија. Во филмот „Жена убиец (Фониса)“ се дадени шокантни информации со статистика за околу 200.000.000 демографски исчезнати жени од светската популација поради фемицид.
– Оваа приказна, како вистинска и трагична приказна, за жал, не се случи само на тој остров – Скопелос. Скопелос, соседниот остров на Скијатос, родното место на Пападијамантис, испрати писмо во 1836 година – замислете, 67 години пред Пападијамантис да ја напише оваа приказна – барајќи да се укине законот за мираз, за да се спречат непризнаените убиства на женски бебиња! Ова писмо беше историски доказ за филмот, но, за жал, откриваше една сурова реалност што преовладуваше во многу изолирани делови на Грција во тоа време, каде што немаше полиција и, за жал, историјата и мерењата на УНЕСКО и Европската Унија, ни кажуваат дека тоа се случува и денес, за жал, не само кај доенчиња. (Замислете само какво влијание врз женската популација во Кина имаше овој закон што се укина неодамна, кој ги принудуваше семејствата да имаат само едно дете. За жал, дури и сега, во наше време, се претпочитаат момчињата. Девојчињата со години или се даваа на посвојување или бременоста се прекинуваше. Резултатот покажува дека на мапата на населението на Кина недостигаат 40.000.000 девојчиња! Истражувањата врз 200.000.000 жени (!) се однесуваат на сите возрасти, бидејќи семето на денешниот фемицид беше чедоморството од тоа време – истакнува режисерката Ева Натена.
Вечерва, во 20 часот, проекции ќе имаат филмот „Бјути“ – краток филм на Танос Либеропулос. Потоа „Невидлив“ на Димитри Атанитис. Затворањето на фестивалот ќе биде со краткиот филм на Арис Капланидис „Поглед од балконот“ и долгометражниот „Жена убиец (Фониса)“ на Ева Натена.
Денеска се отвора Фестивалот на грчки филм и во Битола со малку поинаков распоред на филмовите. С.Ј.