Фестивалот „Браќа Манаки“ несомнено е еден од највредните и најпрепознатливите битолски, македонски но и светски културни симболи, истакна претседателката Гордана Силјановска Давкова во видео обраќање пред аудиториумот во Битола.
Како прокровител на фестивалот, прогласувајќи го за отворен, претседателката Силјановска Давкова посочи дека камерата за браќата Манаки беше повеќе од објектив.
-Годинава фестивалот се одржува под мотото „Сон на платно“ што совршено ја одразува суштината на доблестите што ги славиме. Овој фестивал несомнено е еден од највредните и најпрепознатливите битолски, македонски но и светски културни симболи. Тој е уникатна сцена на која се слави снимателот како автор, креатор, тивок но моќен градител на секоја филмска приказна. Снимателот е сестран уметник, тој ја визуелизира идејата, со камерата компонира, црта емоција, диктира ритам и креира атмосфера – нагласи Силјановска Давкова и додаде дека меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ не е само прослава на мајсторството на кинематограферите, туку поттик за оние што ќе се одважат допрва да го освојат филмскиот врв преку објективот.
Според востановената традиција, ИФФК „Браќа Манаки“ додели специјална Златна „Камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност, а годинава лауреат е турскиот режисер Сами Капланоглу.
-Добивањето на наградата, тука во Битола, градот на браќата Манаки, пионери на филмот во овие краишта, не само што е огромна чест туку и вистински потсетник за бесконечното патување на филмската уметност. За мене филмот одсекогаш бил јазикот на светлината и сенките, на тишината и гласот, на сеќавањето и сништата, затоа што уметноста е дел од најдлабоките патишта што придонесуваат кон духовниот развој на човечкото суштество – рече меѓу другото турскиот режисер Капланоглу.
Наградата на Капланоглу ја врачи градоначалникот на Битола Тони Коњановски кој пред гостите од градот, државата и странство посочи дека градот со гордост ја носи историската оставина на браќата Манаки кои со својата камера пред 120 години ги испишаа првите страници на европската филмска историја.
-Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ не е само културен настан, тој е симбол на идентитетот на Битола, прозорец кон светот и доказ дека нашата локална приказна има глобално значење – рече тој.
Во рамки на свеченото отворање, Друштвото на филмските работници на Македонија, додели медал „Браќа Манаки“ на Благоја Куновски Доре, за особен и долгогодишен придонес кон ИФФК „Браќа Манаки“, одлука која со долготраен аплауз беше поздравена од публиката која вечерва го следи македонскиот филм „Мајка“ на Теона Стругар Митевска.