Годинава, на почетокот од ова топло лето, се одржа првиот фестивал „Струмица класика интернационален фестивал“, на кој најголем дел од програмата беше посветен на камерната класична музика. Публиката уживаше во изведбите на музичарите од земјава и од Србија, Бугарија и Грција. Фестивалот започна со концерт на гудачкиот квартет „Симфониета“ од Бугарија, во фоајето на НУЦК „Антон Панов“ во Струмица. Концертната програма на квартетот беше разновидна, внимателно одбрана и конципирана со музички дела од композитори од постарата епоха до современоста. Крајот на концертот се круниса со најголемата награда и признание за секој уметник, громогласен аплауз и очекуван бис. Струмичката публика жедна за квалитетна музика го продолжи своето будно присуство и на вториот концерт од фестивалот на пијано-дуото „Арт“ од Србија. Двете млади талентирани пијанистки од Ниш покажаа извонредна подготвеност, усогласеност и неверојатна техника во четворорачното свирење. Репертоарот беше беспрекорно подреден и разновиден, а се свиреа романтичарски дела во бавно и умерено темпо, но и во побрзо и живо, со што се постигна ефектот на задржување на вниманието кај публиката во целост.
Следуваше концертот на светскиот хор „Св. Кирил и Методиј“, под диригентската палка на маестро Веселинка Маџарова. Овој неповторлив концерт се одржа во црквата „Св. Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици“. Ангелските гласови на младите хористки звучеа божествено, а од музички аспект тие пееја чисто интонативно, со точна динамика и сите други елементи потребни за хорско пеење. Акустиката во црквата придонесе за концертот да биде вистински празник за публиката.
Следуваше и четвртиот концерт, кој беше изведен исто на многу високо професионално ниво, и покрај високите летни температури, кои не се симнуваа до доцните вечерни часови. Но тоа не беше пречка, напротив, „Трио Аперто“ од Скопје беше мотивирано и виртуозно во изведбата на музичките дела од неговата програма. Концертот се одржа во Уметничката галерија во новиот салон, кој со својот ентериер збогатен со уметнички слики изработени во различни техники и стилови, даде една колоритна целина и сосема поинаква димензија.
Како круна на фестивалот „Струмица класика интернационален фестивал“ се одржа и концертот на триото „Пријатели“ (тенор, флејта, пијано), кое со својот необичен микс на инструменти исполни познати арии, канцони и канцонети од светската музичка ризница. Тие го претворија овој завршен концерт во настан што струмичката публика ќе го памети уште долго време поради нивните одлични изведби и, секако, поради одличниот тенор од Грција, кој со своите колеги од триото, на аплаузите на публика возврати со изведба на познатата арија „O sole mio“.
Заслугата за овој фестивал, за идејата и неговата целосна организација и реализација, му припаѓа на организацискиот одбор на фестивалот, на чело со Васил Атанасов, селектор на фестивалската програма, кој неуморно внимаваше и се грижеше за сите уметнички и техничко-сценски аспекти. Градот Струмица заслужува да биде збогатен со уште еден фестивал, а тоа беше можно со поддршката на локалната самоуправа, со која фестивалот ќе прерасне во традиционален.
Елисавета Бончева