Прва поголема ретроспектива на Теофил Шулајковски-Тофе
Ретроспективната изложба посветена на Теофил Шулајковски-Тофе, отворена во Националната галерија на Македонија во „Чифте-амам“, за појдовен момент го има фактот што тој е еден од ретките македонски уметници што досега немале ваков вид интегрално претставување кај нас. На оваа изложба, во прекрасниот простор на „Чифте-амам“ се презентирани 137 акварели од сите творечки фази, од најраните акварели, па сѐ до последниот циклус, досега неизложен и необјавен.
– Ваквиот тип ретроспективни изложби се само основни поводи преку кои Националната галерија, како институција што седум и пол децении се грижи за чување и заштита на дел од движното културно наследство од историјата на уметноста на нашата земја, континуирано ги презентира врвните национални културни достигнувања. На оваа примарна функција се надоврзуваат и нашите заложби за константно потсетување и едукација за особените специфики на значајните легати од творештвото на големите уметници од македонската уметност. Оваа година имавме чест да претставиме неколку ретроспективни изложби на автори од различни генерации што работат во различни жанрови – сликарот Димитар Кондовски, скулпторот Илија Аџиевски – тековно претставена во „Даутпашиниот амам“, сега Теофил Шулајковски, која ќе трае до средината на месец декември, потоа ќе следуваат ретроспективните изложби на Нехат Беќири, јубилејот на Миле Корубин и ретроспектива на Анета Светиева – вели директорката на Националната галерија, Дита Старова Ќерими.
Теофил Шулајковски-Тофе без двоумење се вбројува во рангот на најзначајните македонски акварелисти. Тој се издвојува од колегите уметници преку доследноста во ликовната дисциплина акварел и преку сопствената современа поетска естетика. Ја продолжува оваа насока, надградувајќи се на почетокот врз основите и искуствата на нашите големи мајстори – втемелувачи на модерниот македонски акварел од дваесеттите години на минатиот век, но и по светските војни, кои се школувани во балканските центри: Димитар Панилов Аврамовски, Љубомир Белогаски, Вангел Коџоман, Василие Поповиќ-Цицо, Зага Малинковска.
Кураторка на изложбата е вишата кустоска Маја Чанкуловска Михајловска.
– Акварелот како сликарска дисциплина, која поради специфичностите на оваа техника – брза и сигурна рака и концепт, неможност за корекции итн., бара неверојатно уметничко познавање. Невозможно е преку неколку куси стилски одредници да се дефинира огромното творештво што Теофил Шулајковски-Тофе го остави зад себе. За почеток ќе истакнеме дека во историјата на македонската ликовна сцена, Тофе Шулајковски се издвојува и е забележан како автор на голем број препознатливи дела со предзнакот акварел, а на оваа изложба се потрудивме да ги прикажеме сите фази. Најраниот период, околу 1957 година, го означуваат реалистични акварели со пејзажи на паркови, селска и градска архитектура, па дури и речиси апстрактни пејзажи, со бои и тоналитет близок на македонското поднебје – вели Чанкуловска Михајловска.
Според неа, значењето на Теофил Шулајковски за македонската историја на уметноста го согледуваме во неговата немирна истражувачка природа и желбата за внесување новитети во акварелот, со што придонесува кон оживувањето и подигањето на оваа ликовна дисциплина на современо ниво.