Автор: Константин Плевнеш

A, да биде сам по себе светска филмска револуција можеше да му се случи само на Жан-Лик Годар, бидејќи тој во своите филмови, почнувајќи од „Последниот здив“ во почетокот на 1960-тите години и новиот бран во Франција, веруваше и буквално и естетски дека демократијата е право на секој човек, на секојдневен државен удар против секоја власт што со идеолошко и административно насилство ја урива човечката надеж за хуманоста на светот. Од антиката до денес!
Жан-Лик Годар создаде филмови што покажуваат дека индивидуалната потрага по тајните на седмата уметност почнува и завршува во автобиографската проекција, како што докажа во неговиот филм што ги носи како наслов неговите иницијали ЈЛГ, кога античката мисла „Спознај се самиот себеси“ ја раскажа во филмот во кој сам со својот глас ја изговори реченицата: „Се обидувам да ризикувам со мојата сопствена смрт за она што мислам дека го знам и тоа е единствениот начин што го практикувам за да преживеам.“
Денес, драг Жан-Лик Годар, ве испраќа светската историја со сите ваши филмови и сите ваши филмски поеми од новиот бран и митските наслови на
„Презир“ (1963), „Лудиот Пиеро“ (1965), „Спасувај се кој може“ (1973), „Засекогаш Моцарт“, „Историите на филмот“, „Ве поздравувам, Марија“ и „Името Кармен“ низ годините што ќе следуваат заедно со филмот „Социјализам“ и последните филмови „Збогум на јазикот“ и „Книгата на сликите“, кои беа заокружување на интимната револуција што го носи името Годар, која ќе се гледа и прегледува со генерации низ вековите што доаѓаат.

Сакам да го завршам овој запис за Годар и неговата лична револуција со еден краток филм од само три минути, посветен на окупираното Сараево и трагедијата во Босна, со крвопролевањата и распадот на Југославија, кога самиот Годар беше дојден во едно мало кино на улицата Муфтар во Париз, мислам во пролетта 2000 година, а јас заедно со мојот брат Илија Плевнеш, бидејќи ги чувствувавме сите трагедии во Југославија како да се наши трагедии, ги гледавме тие три минути Годар како да се 3 часа, 3 дена, 3 години… Филмот е направен од една единствена фотографија од Рон Хавив, снимена во Бјелина на 31 март 1992. Музиката е на Арво Прат. Самиот Годар ги чита зборовите на големиот француски поет Арагон во филмот: „Кога треба да се затвори книгата, не треба за ништо да се жали, видов толку многу луѓе како толку грозно и маченички живеат и толку многу луѓе што толку убаво умираа!“ Во малата сала на „Епе де Бои“ се слушаа гласни солзи. Сите плачевме. Нему му паднаа очилата, ги зеде од подот и рече: „Местото на злосторството е цела Европа и цела планета…“
Нека му биде осветлен патот на Жан-Лик Годар од вечноста на филмот што е над самиот живот и над крвавата историја што трае и денес!