Македонскиот режисер Милчо Манчевски ќе биде двојно честуван на „Софија филм фест“ (СФФ). Ќе биде претставена целосна ретроспектива на неговото творештвото – седум долгометражни филмови и два од краткометражните, а ќе биде и претседател на меѓународното жири на 27. издание на „Софија филм фест“ што ќе се одржи во престлнината на Бугарија од 16 до 26 март 2023 година.
Во рамките на „Софија филм фест“, како што е објавено на веб страницата на фестивалот, ќе биде прикажан и најновиот филм на Манчевски, црната комедија „Кајмак“. Филмот е македонско-данско-холандско-хрватска копродукција поддржана од Еуримаж и во копродукција со МРТ, кој ја имаше светската премиера на Токискиот филмски фестивал, најголем фестивал од А-категорија во Азија, а деновиве се прикажува во македонските кина.
Во 1995, во програмата на СФФ беше прикажано дебито на Манчевски, „Пред дождот“, кој освои номинација за Оскар и 11 награди во Венеција, вклучувајќи го и Златниот лав, а во 2020 тој повторно гостуваше во Софија за да го претстави својот филм „Врба“ кога доби и специјална награда на СФФ.
Минатата недела Манчевски беше претседател и на жирито на меѓународен фестивал во Рим.