Со големата ретроспективна изложба на дела од постојаната колекција на „Арт поинт Гумно“ од селото Слојштица, Демир Хисар, која ќе биде поставена во преубавиот Офицерски дом во Битола, центарот го почнува чествувањето на 20-годишното креативно дејствување.
– Поминаa точно две декади откако германскиот уметник Хубертус Хес претвори дел од старата дрвена ограда на чардакот во „Ангел чувар“ на гумното во Слоештица. Со ова, симболично почна дејствувањето на визионерската рожба на семејството Андреевски – меѓународниот центар за уметност и одржлив развој „Арт поинт Гумно“. Низ годиниве на креативното гумно продефилираа ни помалку, ни повеќе – 80 врвни уметници од целиот свет – велат Ирена и Сергеј Андреевски.
Дел од извонредното уметничко богатство – 65 слики, скулптури и фотографии, низ кои провејува убавината што уметниците ја доживуваат за време на гостувањето, ќе бидат пренесени од гумното во Слојштица во Кристалната сала на Офицерскиот дом во Битола, а изложбата ќе ја отвори младата македонска писателка, уредничка и преведувачка Јулијана Величковска. Планирано е есенва истата поставка да биде претставена и пред скопската публика, во МКЦ. По повод јубилејот, организаторите планираат и неколку тематски изложби.