Американскиот актер Џек Димиќ со монодрамата „Ој, животе“ ќе настапи вечерва, во 20 часот, во Драмскиот театар. Гостувањето е овозможено со лична заложба на Драган Јаќимовиќ, амбасадор на Босна и Херцеговина во нашата земја. Претставата е работена по текст на Јосип Пејаковиќ. Станува збор за силна трагикомична драмска приказна што изобилува со црн хумор. Актерот Џек Димиќ ја адаптирал, ја режирал и го толкува ликот што на босански јазик на емотивен и духовит начин ни ја раскажува неговата вистина.
Монодрамата „Ој, животе“ е приказна за човек што доброволно оди на издржување на затворската казна наместо неговиот помлад брат, кој е сторител на убиство со умисла.
Џек Димиќ е еден од најпознатите актери од регионот, покрај Раде Шербеџија и Горан Вишњиќ, кој постојано има ангажмани во холивудските серии и филмови. Димиќ остварил над 85 филмски, телевизиски и театарски улоги. Освен на англиски јазик, тој игра улоги на српски, руски, чешки и италијански јазик. Џек Димиќ во Холивуд играл во популарните ТВ-серии „Ред и закон“, „Место на злосторството“, „Црна листа“, „Замок“, „Сина крв“, како и во сериите што во последните години се снимаат во регионот „Државен службеник“, „Ургентен центар“, „Воена академија“, „Клан“, „Династија“, „Вера“ и многу други. Џек Димиќ го играл научникот Никола Тесла во филмот „Народот на Тесла“, кандидат за „оскар“ за долгометражен играно-документарен филм во 2020 година.