Дискусија за препевот како посебна вештина во преводниот занает и промоција на мултијазичната збирка поезија „За една кратка урбана љубов што стравуваше да се нарече себеси така“ од Елена Пренџова ќе се одржат денеска, во 19.19 часот, во „Салон Империјал 1“ во КИЦ.
Станува збор за осмата авторска збирка поезија на Пренџова, која претставува циклус од десетина модерни лирични песни, во книгата објавени на македонски, албански, српски, словенечки, италијански и англиски јазик. Препевите се на: Катарина Фиаменго, Искра Пенева и Немања Стојковиќ-Блеки од Србија, Даим Мифтари од Македонија, Намита Субиото од Словенија, Лучила Трапацо од Италија/Швајцарија и во препев на англиски од страна на самата авторка, а во јазична коректура нa Мет Мјури од САД. Илустрациите/цртежите во книгата се на Ирена Јурчева, а графичкиот дизајн на корицата и на книгата е на Александра Новеска.
Дискусијата за препевот како посебна вештина во преводниот занает ќе ги отвори темите за чинот на препевот меѓу сродните и несродните јазици, за преводната наука воопшто, за препевите од другите јазици на англиски направени од немајчини говорители, за улогата на поетот како преведувач, за начинот на кој поетите работат лектура на туѓа поезија, но и за пресудните фактори при изборот на песните за препев. На настанот ќе учествуваат Елена Пренџова, модераторка и интерпретаторка на поезијата, Виолета Танчева, лекторка и промоторка, Даим Мифтари, препев и учесник на дискусија, Ирена Јурчева илустраторка и учесничка на дискусија, Катарина Фиаменго, Искра Пенева, Немања Стојковиќ-Блеки од Србија, Намита Субиото од Словенија, Лучила Трапацо од Италија/Швајцарија, Мет Мјури од САД.