„Слободна Далмација“ по хрватската премиера на „Сестри“
Македонскиот филм „Сестри“ ги заобиколи хрватските филмски фестивали по ланската летна премиера во Карлови Вари. На крајот, македонскиот филм, во копродукција со Косово и Црна Гора, ја имаше својата хрватска премиера.
Македонската драма за млади е еден од подобрите регионални филмови во последно време, пишува во рецензијата „Слободна Далмација“.
„Сестри“ е уште едно добро минатогодишно играно деби од регионот, вбројувајќи се со хрватските „Мурина“ и „Зборница“, српскиот филм „Келти“, косовскиот „Барајќи ја Венера“. Интересно е што секој од овие пет филма е потпишан од млади жени што допрва треба да се слушнат на регионалната, европската и светската филмска фестивалска сцена. Зад камерата на „Сестри“ е Дина Дума, 31-годишна филмска режисерка родена во Скопје. Дебито на Дума е на бранова должина со „Мурина“ од Антонета Аламат Кусијановиќ, уште повеќе со „Барајќи ја Венера“ на Норика Сефа, но и со „Клип“, десетгодишното деби на Маја Милош за возрасната генерација на социјалните мрежи.
– Боже прости ми, овие млади луѓе, што ќе биде со нив, се прашува една постара личност во „Сестри“, гледајќи ги протагонистите како се глупираат со мобилните телефони. Филмот дава одговор на прашањето што ќе биде со овие млади луѓе, што можеше да се постави во (по)експлицитниот „Клип“. Како и во споменатите филмови, во преден план се млади девојки, кои се доближуваат до светот на возрасните и се оддалечуваат од невиноста, а камоли од детството. Тоа се Јана и Маја (Миа Жиро, Антонија Белазелкоска), најдобри, неразделни пријателки, титуларни „сестри“, кои заедно тренираат пливање, пливаат во езерото, се снимаат себеси и светот околу нив со своите мобилни телефони и се колнат на вечно пријателство и „сестринство“ со малиот прст. Вети ми дека никогаш нема да ме оставиш… – пишува хрватскиот весник.
Според рецензијата, мизансценот е жив, а режисерката ги овековечува младешкиот ентузијазам и енергија во сцените кога Јана, Маја и нивната екипа ја пеат „Боље бити пијан него стар“ додека се возат во автомобил.
– Дума покажува автентично поетско и филмско око за доловување интимни, формативни моменти на младоста отелотворени во вешто водени актерки и нивната природна глума, но и чувство на симболика. Водата има функција на катализатор за настани, без разлика дали ликовите нуркаат во езеро или базен. Сонливите подводни кадри немаат рамен на овој простор, особено сцената кога базенот се „прелева“ во езерото, една од најмоќните сцени во поновата регионална кинематографија – пишува „Слободна Далмација“.