Со претставата „Декамерон“, во режија на Мартин Кочовски на Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински вечерва во 20 во МКЦ се отвора 48 – то издание на меѓународниот театарски фестивал Млад отворен театар – МОТ.
-Во околности на глобална општествена безизлезност, неизбежно е да се занимаваме со „Декамерон“, со триумфот на потребата за живот. Животот радоста и среќа, овде и сега – изјавува режисерот Кочовски кој „Декамерон“ го постави на сцената на театарот во 2022 година.
Комплетната екипа не ја крие радоста за вечерашната премиера во рамки на МОТ.
-Декамерон за мене значи целосно препуштање, или можеби беспоштедно согорување. Таа претстава ни дозволи да се изразиме на некакво интуитивно ниво. Кога работите со толку обемна материја која изобилува со разноликост, со толку различни ликови и ситуации, неизбежно ќе наидете на контрадикторности. Тука нема простор за мудрување, едноставно – се препуштате. Затоа во оваа претстава, човекот има толку многу лица, и суров е, и безмилосен, и ноншалантен, но и сочувствителен и бескрајно благороден по дух; и кревок – и нескршлив. Сето ова од една страна обеспокојува, дури и длабоко потресува, а од друга страна, сепак – успокојува – вели Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, драматург на „Декамерон“.
Млад отворен театар – МОТ, по вечерашната премиера нуди 29 театарски настани, претстави, работилници, промоција на книга и мастерклас, кои ќе се одвиваат на сцените на МКЦ од 8 до 18 ноември.
Дизајн на постерот на фестивалот е Бабак Сафари – графички дизајнер од Иран.
Целосната програма и распоред на фестивалот можат да се погледнат на официјалната страна на фестивалот mot.mk, а билетите можат да се набават преку билет сервисот на МКЦ bileti.mkc.mk.
Годинешната програма на фестивалот е поддржана од Министерството за култура (3.900.000 денари), Градот Скопје (650.000 денари), а преку партнерства, фондови, амбасади и министерства на други држави, за достојно одбележување на фестивалот обезбедени се дополнителни 2.300.000 денари.
Тимот на МКЦ го најавуви 48. издание на МОТ, од 8 до 18 ноември, со вкупно 29 театарски настани, претстави, работилници, промоција на книга и мастерклас.
-И ова издание на МОТ како и претходното е особен предизвик бидејќи сесрдно се обидуваме да го зачуваме духот на еден од најстарите меѓународни театарски фестивали во регионот, за да прикажеме жив театар кој промовира дијалог, социјална промена и описменува. Театар кој ги надживува сите исправени препреки. Со буџет од 650 000 денари од Град Скопје, а остатокот обезбеден од партнери, фондации и дипломатски претставништва во земјава во висина од 2 300 000 денари, очигледно и МОТ има задача да ги надживее овоземските предизвици на современието кое го живееме – вели Русе Арсов во име на МКЦ.