Прва проба на новата претстава во Драмскиот театар
Во Драмскиот театар се одржа првата проба на претставата „Мачкина глава“ во режија на Дејан Пројковски. „Мачкина глава“ е драмски текст на Венко Андоновски, македонскиот романсиер, драмски писател, филмски сценарист, книжевен критичар, теоретичар на литературата и културата. Тој е автор на 35 книги од најразлични жанрови, а неговите драмски текстови по кои се работени претстави се играат пред преполни салони. Освен десетиците книжевни домашни и меѓународни награди, добитник е и на наградата на ЕУРОДРАМ – за најдобри драми во Европа.
Директорот Роберт Вељановски на денешната прва проба го изрази задоволството што актерите на Драмскиот театар, одбрани во оваа поделба, предводени токму од двоецот Пројковски-Андоновски, ќе ја имаат честа да ја играат премиерата на претставата „Мачкина глава“ на 21 април, денот на централната прослава за 80-годишнината на Драмскиот театар.
Режисерот Дејан Пројковски и авторот Венко Андоновски, кои имаат работено сериозни продукции зад себе, токму во Драмскиот театар ја изразија големата доверба кон актерите и уметничкиот тим со кој ќе ја работат претставата. Андоновски во обраќањето кон актерите изјави: „Знам дека можете сѐ. Како автор, тука сум со вас и ќе бидам дел од процесот“. Навраќајќи се на драмскиот текст за кој смета дека е податлив за работа, појасни дека станува збор за „текст што се движи по опасната линија да западне во политизација на релацијата Исток-Запад, а ние сме како тампон-зона што треба да се определи, додека изборот не е нешто голем“.
Режисерот Пројковски кажа дека текстот е интересен и податлив за работа и дека „тој нуди одлична матрица за градење на ликовите во претставата“. Режисерот очекува одлична претстава, која ќе биде резултат на нивните средби, размена на енергии и светогледи. „Форматот на текстот има широчина во светската и домашната политика и промовира вредности“.
Во уметничкиот дел од тимот што ја подготвува премиерата на претставата „Мачкина глава“, режисерот ќе соработува со сценографот Валентин Светозарев, костимографката Марија Пупучевска, а музиката во претставата е на Горан Трајкоски. Инспициент во претставата е Жарко Намичев, а суфлер е Милка Анчевска. Ликовите во претставата „Мачкина глава“ и актерската екипа се: Спиридон – Рубенс Муратовски, Марија – Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Ѕвездан – Филип Трајковиќ, Симон – Александар Степанулески, Сара – Сара Климоска, Џорџ – Игор Ангелов, Мериен – Сања Арсовска, Штерјо – Златко Митрески и Панзо – Предраг Павловски. Премиерата на претставата „Мачкина глава“ е втора претстава од Годишната програма за работа на театарот, поддржана од Министерството за култура и туризам за 2026 година.
































