Фото: Игор Бансколиев

Институтот за старословенска култура – Прилеп, како научна институција што е втемелена врз интердисциплинарниот пристап во истражувањата од полето на археологијата, историјата на уметноста, етнологијата, лингвистиката и историјата, секојдневно се соочува со предизвиците што се наметнати од решенијата и состојбите предизвикани од застарените и несоодветни решенија во правната и практичната заштита на субјектите од материјалното и духовното културно наследство што се предмет на научните истражувања. Наедно, Институтот ја има и можноста да ги согледа последиците на несоодветното постапување во севкупниот третман на културното наследство. Токму затоа, од денеска до сабота, организира два научни собира и една работилница, за да се слушне мислењето на стручната јавност во поглед на овие прашања.
Првиот собир, на тема „Методологијата на научноистражувачката работа користена при истражувањата на културното наследство во нашата држава“, ќе се одржи денеска, на кој ќе говорат академици, професори, стручњаци што го истражуваат културното наследство.
Културното наследство, сфатено како термин што обединува многубројни манифестации дијаметрално различни по својата природа и карактер, предизвикува низа прашања и проблеми на повеќе нивоа. Денес, кога се соочуваме со многубројни предизвици во пристапот кон неговата заштита, конзервација, реконструкција, ревитализација и презентација, многу е важно да говориме за потребата за принципиелно воедначени решенија за различни постапки што се однесуваат на посебните категории на културното наследство – вели д-р Бранислав Ристески, директор на Институтот за старословенска култура.
Во рамките на овој собир, в сабота, на Трескавец, ќе се одржи работилница на тема „Мултидисциплинарни истражувања врз примерот на заштитата на комплексот Трескавец“.

Трескавец е култно место не само за Прилеп туку и за Македонија. Трескавец ги обединува сите научни дисциплини и проблеми во досегашната примена на заштитата на културното наследство. Затоа на работилницата ќе се проговори за мултидисциплинарните научни истражувања што треба да бидат присутни во заштитата на културното наследство – додава Ристески.
В петок, 27 мај, ќе се одржи собирот на тема „Сеопфатна заштита на материјалното културно наследство засновано врз мултидисциплинарни научни сознанија“.
Процесите на трансформација и информатички прогрес, кои се присутни во сите сфери на современото живеење, во последните децении имаат сериозна рефлексија и врз базичните сфаќања на предметот на истражување и методологијата што е карактеристична за хуманистичките науки. Видливите тенденции за позитивистичко пристапување кон проучувањето на минатото во нашето општество, од една страна, се производ на ваквите современи текови, но, од друга страна, се должат на отсуството на изграден став кон научниот методолошки пристап и неговата кореспонденција со очекуваните резултати. ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп, како институција чија основна дејност се фундаменталните научни истражувања од полето на археологијата, историјата на уметноста, етнологијата, лингвистиката и историјата, сметаше дека треба да се отвори научна дебата на која ќе се расправа за моменталните состојби и правците на развиток на овие научни дисциплини во рамките на нашата држава. Соодветно на тоа, научниот собир ќе биде организиран во рамките на шест тематски целини: археологија, историја на уметноста, етнологија, лингвистика, историја на архитектура и правно институционални аспекти на проучувањето на културното наследство – потенцира д-р Бранислав Ристески, директор на Институтот за старословенска култура.