На 59-то издание на ДАФ ќе се прикажат 12 интересни претстави од Гевгелија, Скопје, Битола, Демир Капија, Кочани и од Штип и три меѓународни од Прокупље (Србија), Шид (Србија) и Белград (Србија), кои ќе се натпреваруваат за една од 7-те награди. Од 23 до 29 мај, Кочани ќе живее со аплаузи, сцена, музика, уметничка слика, книги, со многу љубов, радост и насмевки, вели Кристина Атанасова Арсова
Кристина Атанасова Арсова, директорка на Драмскиот аматерски фестивал во Кочани
Денеска во Кочани почнува 59-то издание на Драмскиот аматерски фестивал (ДАФ), на кој настапуваат најдобрите аматерски театри и театарски групи од Македонија и од странство. Според уметничката директорка Кристина Атанасова Арсова, ваквите манифестации се од голема важност за мотивирање и поттикнување на младите автори и креативци и за негување на љубовта кон театарот меѓу младите.
Како дел до фестивалот низ годините, а еве сега и како уметничка директорка на ДАФ, дали сте задоволна од одекот, интересот за фестивалот и од квалитетот на пријавените претстави оваа година?
– Секако, сите што бевме вклучени во реализацијата на фестивалот сме повеќе од задоволни од интересот и од квалитетот на претставите. И моите почетоци, во поглед на мојата професија, тргнаа токму од овој фестивал, се дружам со него повеќе од 30 години. ДАФ е семето на голем број професионални актери, режисери, драматурзи, организатори и други театарски работници. Оваа година на конкурсот беа пријавени 16 претстави, од кои нашиот селектор, актерот Благој Веселинов, селектира 12 претстави, од кои три меѓународни.
По две години пауза, овој фестивал ќе внесе свежа крв во театарскиот аматеризам во земјава, кој отсекогаш бил на завидно ниво.
– По пандемиските години, некако сите бараме место, простор да тргнеме повторно онаму каде што застанавме. Трудот на драмските аматери е голем во целата држава, а ние како фестивал постоиме за да ги мотивираме и поттикнеме и заедно да ја негуваме љубовта кон театарот.
Што велат бројките за фестивалот?
– Фестивалот оваа година ќе се одржи по 59-ти пат, а од 1977 година е постојано во Кочани. И ако ја погледнеме статистиката на фестивалот, ќе дојдеме до просек годишно одиграни 14 претстави, со бројка на учесници од 180 до 250 годишно. Вакви завидни бројки покажуваат дека интересот за драмската игра за неговата форма е голем.
Наидовте ли на некои проблеми при реализацијата?
– За првпат во историјата на ДАФ нема да може да се одиграат претставите во центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани. Причината за тоа е што в.д. директорката не може да ги согледа големината и значењето на фестивалот, кој е единствен во државата од ваков карактер. Но ние како организатори, секако, ги надминуваме сите пречки и претставите ќе се одиграат на отворено, во градскиот парк. Таму ќе бидат и сите други придружни настани, и тоа лајтшоу со диџеј Штев и диџеј Панчо, концерти на џез-составот „Такси консилиум“ и на групата „Мизар“ и, секако, оваа година за првпат во Македонија ќе направиме пилот-проект наречен „Интернационален фестивал на музичка публицистика Кочани 2022“, чиј организатор е музичкиот архив, со поддршка на ДАФ и Општина Кочани.
Што ќе можат да видат љубителите на театарот во Кочани и пошироко на фестивалската сцена, почнувајќи од вечерва?
Оваа година, на 59-то издание на ДАФ, ќе се прикажат 12 интересни претстави од Гевгелија, Скопје, Битола, Демир Капија, Кочани и Штип и три меѓународни од Прокупље (Србија), Шид (Србија) и Белград (Србија), кои ќе се натпреваруваат за една од 7-те награди. Од 23 до 29 мај Кочани ќе живее со аплаузи, сцена, музика, уметничка слика, книги, со многу љубов, радост и насмевки.