За црквата „Св. Никола“ во Љубанци, македонскиот револуционер Ѓорче Петров во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 година, запишал дека надвор од селото Љуботен на видно место има стара но убава црква, која се гледа дури и од Скопје
Знаменитостите на Македонија
Црквата „Св. Никола“ од Љуботен e средновековна црква, а според натписот врежан во камената плоча, поставена над западната влезна врата, црквата била изградена во 1337 година од страна на непознатата властелинка, ктиторката Даница.
Низ вековите, таа, како и многуте други цркви низ Македонија, ја доживеала судбината еден подолг период да биде напуштена и целосно препуштена на самата себеси. Поради тоа значително настрадале нејзиниот живопис и горните делови на овој храм. Така, во првата половина на 20 век, била изведена темелна реставрација, притоа внимавајќи на зачувување на нејзиниот првобитен изглед. Црквата има форма на впишан крст во правоаголна основа. На нејзиниот средиштен дел високо се издига осумаголна купола што се потпира врз четири четвртести столба.
Полукружната петострана апсида на источната страна, украсена со слепи ниши во горните партии, се вклопува во преостанатата расчленета фасадна конструкција. Декорацијата ја збогатуваат фасадните тули распоредени во форма на крстови и шаховски полиња. Внатрешниот дел на црквата го облагородуваат фрески што датираат од времето на нејзината изградба.
За црквата „Свети Никола“ во Љубанци, македонскиот револуционер Ѓорче Петров во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 година запишал дека надвор од селото на видно место има стара но убава црква, која се гледа дури и од Скопје, а која според натписот над нејзината врата била изградена од царот Стефан Душан.
Авторот на овој фрескопис до ден-денес е непознат, но се верува дека потекнува од охридската школа. Стилските особености на неговата сликарска техника говорат за еден мошне талентиран зограф, чии цртежи отскокнуваат од вообичаената иконографска концепција. Тие се ослободени од груби анатомски неточности, а во сликањето на фреските се забележува еден суптилен, пореалистичен пристап, дополнет со богат колорит, во кој доминира употребата на топли тонови. Ова е евидентно во долната партија на северниот ѕид, каде што покрај светителите во цел раст, се предадени портрети на световни фигури членови на царското семејство: царица Елена, цар Душан и нивниот син Урош. Од композициите, покарактеристична е онаа со сцените од Свадбата во Кана Галилејска. Во периодот од 2006 до 2017 година, фрескоживописот во црквата беше реставриран и конзервиран.
При реконструкцијата на црквата бил пронајден жртвеник со латински натпис, посветен на богот Либер. Жртвеникот се наоѓа во лапидариумот на Музејот на Македонија во Скопје.
Д.Ст.
Љуботен – едно од најстарите скопски села
Селото Љуботен се наоѓа во подножјето на планината Скопска Црна Гора, на оддалеченост од 15 километри северно од градот Скопје. Љуботен спаѓа во старите села на Скопска Црна Гора и постоело уште од 1337 година, за што сведочи изградбата на црквата „Св. Никола“, која била подигната од Даница, која најверојатно била господарка на жупата Скопска Црна Гора во времето на средновековниот цар Душан. За време на отоманското владеење црквата била оштетена и разурната, а била обновена во 1928 година.
Во својот напис „Црна Гора Скопска“, објавен на 15 февруари 1855 година, македонскиот просветител Јордан Хаџи Константинов-Џинот за Љуботен запишал дека било место за прошетка и одмор на царот Стефан Душан Силни и денес во него стоела црквата („Св. Никола“) разурната над вратите. Во тоа село имало многу разурнати црквишта, манастири и ракописи.