Томитка Раданлиева, пасионирана читателка
Томитка Раданлиева е пасионирана читателка, секој ден чита од една до две книги. Само од почетокот на годинава има прочитано педесетина книги, а во текот на минатата неверојатни 438. Во моментов ја чита книгата „Избриши ги солзите“ од Линда Хауард, а досега само една книга има оставено непрочитана докрај. Чита сѐ, освен книги за самопомош. Омилени ѝ се драмите, романсите, трилерите и мистериите. Автори што може да ги чита и по неколкупати се Карлос Руиз Зафон и Ден Браун.
На кој начин ве исполнува и ревитализира читањето?
– Читањето ми нуди едно прекрасно задоволство. Низ книгите, низ различните градови и држави во кои се одвиваат дејствата, патувам заедно со ликовите. Низ ова книжевно патување се запознавам со различните култури, традиции и обичаи. Се дружам со ликовите и одблизу ги следам сите настани. Читањето е моето омилено хоби, кое на некој начин ја покрива мојата болка.
Читањето е од суштинско значење за оние што сакаат да се издигнат над обичното. Што е за вас читањето?
– Читањето, за мене, претставува терапија и прекрасно исполнето време. Со читањето си го надградувам моето образование, го гледам светот одблизу.
Најголем дел од денот читам. Би рекла дека денот ми започнува со утринско кафе и добра книга. Не би го споредила читањето со „гледање филм“ или со „претстава“, бидејќи, во книгите сите настани се опишани детално и некако поблиску се чувствувам до самите ликови и настани, додека, пак, кај филмовите, сѐ се одвива толку брзо така што оние ситни детали ги пропуштаме.
Имате ли листа на прочитани книги и колку сте прочитале досега?
– Листата на прочитани книги сигурно е многу долга, бидејќи читам од мала. Од пред година-две почнав континуирано да ги запишувам сите прочитани книги и да водам месечна и годишна евиденција. Во 2021 година прочитав 438 книги, а досега, во 2022 година, имам прочитано околу 50 книги. Ретко имам однапред утврдена листа на наслови. Најчесто, низ разговорите со пријателки одлучувам што ќе читам следно. Читам и препораки за книги на книжевните групи, но најчесто изборот паѓа за оние книги што ги имам дома, а сѐ уште не ми се прочитани.
Со оглед на тоа што сте страсна читателка, има ли доволно книги што умеат да ве заинтригираат?
– Секогаш има доволно книги чии наслови ме мамат. Моментално има доста книги што се преведени од нашите издавачки куќи, а и македонските автори сѐ почесто се појавуваат низ книжарниците. Исто така, доста добри наслови може да се најдат онлајн. Во последно време, најмногу книги наоѓам онлајн, но понекогаш и купувам. Исто така, добивам и на подарок за роденден, а многупати низ книжевните групи се организираат предизвици со кои на некој начин си разменуваме книги со другите членови. Во домашната библиотека имам различни жанрови, стари изданија, лектири, дела за основно и средно образование, македонски автори…