Прогласени победниците на дванаесеттото издание на меѓународниот фестивал за анимиран филм
Чилеанскиот краток филм „Бестиа“ (Ѕвер) на авторот Хуго Коварубиас е овогодинешниот добитник за „Златната тула“ на меѓународниот фестивал за анимиран филм „Анимакс Скопје Фест“. Францускиот автор Реза Риахи ја доби втората награда за својот анимиран филм „Навозанде музичарот“, додека Бронзената Тула ја доби палестинскиот филм „Ноќ“ на авторот Мад Салек.
За најдобар филм за деца беше награден филмот „Пиколино. Авантура во градот.“ од Шпанија, а наградата се доделува врз основа на гласовите од детската публика кои во најголем број гласаа за овој филм.
Специјална награда им беше доделена на филмовите „Сувенир, сувенир“ од Франција за најдобра приказна, „Ова останува меѓу нас“ од Велика Британија за најдобар концепт и
„Соништа во полето“ за исклучителна анимација.
– Уште едно успешно издание на Анимакс Скоје Фест се случи во Кинотека на С. Македонија изминатиов викенд. Ако се земе предвид квалитетот и бројот на пријавените филмови, првиот меѓународен фестивал за анимација во Македонија Анимакс Скопје Фест, веќе 12 години високо котира на мапата на светските фестивали. Трпеливо чекаме „Агенцијата за Филм на Северна Македонија“, повторно да започне да го финансира фестивалот кој веќе трета година, а почнувајќи од јубилејното 10 издание е на трошок на организаторите. „Анимакс“ е традиција или ако сакате повеќе бренд, а тоа треба да се чува и негува, а не да се уништува. Така е насекаде во светот, па би требало да биде и кај нас – вели директорот на фестивалот м-р Кузман Кузмановски.
Жири комисијата која одлучуваше за наградите беше во состав на д-р Лазе Трипков, м-р Мими Ѓорговска Илиевска и Илчо Симовски. „Анимакс Скопје Фест“ е во организација на продукциската куќа Аурипигмент од Скопје, а е со поддршка на Град СКопје, во соработка со Кинотека на С. Македонија.