Во чест на 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски, во амфитеатарот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) се одржа промоција на „Книга за Петре (Сите лица на расказот)“. Промотори на книгата, која е во издание на „Арс ламина“, беа Влада Урошевиќ, Венко Андоновски и Оливера Ќорвезироска. Изданието, кое е дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, содржи 19 раскази инспирирани од ликот и делото на Андреевски. Сликата на корицата и илустрациите на страниците се дело на познатиот сликар Сергеј Андреевски, кој е син на Петре М. Андреевски.
Академик Влада Урошевиќ, кој беше во улога на промотор, се осврна кон пријателството и соработката со Петре М. Андреевски. Тој ги истакна неговата посебност и величина и како писател и како личност.
– Со објавувањето на „Книга за Петре“ македонската литература доби несекојдневна, необична и единствена книга. Легендарниот македонски писател Петре М. Андреевски во оваа книга е лик што оживува во 19 различни раскази, напишани од 19 творци. Извишувајќи се над биографските детали за Петре, она што останува трајно е неговото книжевно дело и денес, 90 години по неговото раѓање, македонските писатели низ книгата што сега е пред нас, му ја искажуваат својата почит, ставајќи го во своите раскази. Ми се чини дека малкумина од нив го знаеле Петре, некои некогаш го виделе оддалеку, а некои можеби го знаат само по неговите книги. По волја на судбината, јас сум еден од ретките тука што можат да кажат дека биле пријатели со Петре, оние што седеле наспроти него, зборувале со него, се согласувале или не се согласувале, го гледале в очи… А тие што го погледнале в очи знаат дека Петре беше бележан од природата или од боговите – рече Урошевиќ во своето обраќање.
Венко Андоновски, кој е автор на еден од расказите во книгата, во своето обраќање сподели повеќе анегдоти поврзани со неговото познанство со Петре М. Андреевски.

– И да не ни оставеше ништо освен бисерот на светската љубовна лирика „Дениција“ и метаисторискиот роман „Пиреј“, Петре М. Андреевски ќе останеше гениј во нашата книжевност, затоа што тоа што тој ни го остави е една стилска мастилница за оние што доаѓаа да ги макаат своите пера (меѓу кои сум и јас) и да си го бараат својот авторски глас преку неговото невидливо мастило. На ист начин, како што ни го остави тоа стилско мастило за да не заборавиме на тоа, ја напиша и книгата „Лакримариј“. Всушност, „лакримариј“ е поставка во која жените собирале детски солзи за да имаат поубав тен, Петре ни остави еден „лакримариј“ полн со солзи од мастило, солзи љубовни, патриотски, историски и други солзи, за да се вежбаме и да израснеме во она што треба да бидеме. Да го најдеме својот авторски глас – рече Андоновски.
Автори на прозните посвети во „Книга за Петре“ се: Влада Урошевиќ, Оливера Николова, Гордана Михаилова Бошнакоска, Димитрие Дурацовски, Томислав Османли, Блаже Миневски, Ермис Лафазановски, Лилјана Пандева, Венко Андоновски, Оливера Ќорвезироска, Елизабета Баковска, Калина Малеска, Владимир Јанковски, Бранко Прља, Жарко Кујунџиски, Ѓорѓи Крстевски, Ѓоко Здравески, Живко Грозданоски и Хана Корнети. Книгата е приредена од Оливера Ќорвезироска.

– Идејата за приредување ваква книга не плисна, ниту надојде и гргна ненадејно како порој. Таа долго тлееше, татнеше, се мрешкаше и се разлачуваше од почитта кон претходниците, сè додека не се осамостои, не се избистри и не блесна како јасна намера за чествување и надоврзување на македонската книжевна традиција. Деветнаесетмина современи македонски раскажувачи од сите генерации наредени хронолошки, според годината на раѓањето, го славиме раскажувањето на Петре М. Андреевски на личен, автентичен начин, со специјални раскази за оваа пригода, кои имаат различни и комплексни врски со Петре и со неговото книжевно писмо. Чествувајќи го Петре, расказите истовремено го чествуваат и нашиот заеднички, еден и единствен мајчин јазик – македонскиот – рече Ќорвезироска.