Божо Вреќо и Васил Хаџиманов солисти на концертот „Севда“

МАКЕДОНСКА ФИЛХАРМОНИЈА

Овој четврток, со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе го одржи традиционалниот концерт по повод Денот на вљубените. Концертот е насловен „Севда“, а како солисти ќе настапат Божо Вреќо, босанскиот принц на севдахот како што го нарекува светската критика, и српскиот пијанист Васил Хаџиманов, миленик на македонската публика, уметник што го спојува џезот со традиција на балканското поднебје.
На програмата се љубовни песни од Балканот, испеани од Тома Здравковиќ, Јадранка Стојаковиќ, Нина Спирова, Александар Сариевски, Шабан Бајрамовиќ, аранжирани за симфониски оркестар од Дијана Имери Илкоска, која, наедно ќе застане зад пултот и ќе го води оркестарот на Филхармонијата низ ова несекојдневно музичко патување.
Божо Вреќо е босански пејач што ги „оживеа“ севдалинките и ги однесе во сосема нов правец со специфичноста на својот глас. Неговите изведби се длабоки и емотивни, и самиот за себе вели дека е „човек што животот го сфаќа на лирски, музички начин“. Во неговиот музички свет чувствата се многу посилни од разумот. Светските медиуми го нарекуваат „икона на слободата, ангелски глас што ги гали душите и ги отвора срцата“. Од гласот на Божо Вреќо извираат длабоките емоции со кои секој може да се идентификува. Тој пее за љубовта, копнежот и разделбата, за тагата, меланхолијата и осаменоста. Секој отпеан стих е како исповед и препознавање на љубовта.

Васил Хаџиманов е џез-пијанист, композитор и аранжер од Србија, со македонски корени, роден во Белград на 23 јуни 1973 година. Тој е син на познатите Зафир Хаџиманов и Сенка Велетанлиќ. Истраен, сеприсутен, со бескрајна енергија и музикалност, Васил е алката што го поврзува српскиот џез со крајот на 20 и почетокот на 21 век. Тој е личност што во себе носи гени на голем број интерпретатори, чувари и носители на музичката традиција на Балканот.
Дијана Имери Илкоска е една од најнадежните македонски диригенти. Своето образование го стекнува на Факултетот за музичка уметност – Скопје каде што дипломира во класата на проф. Саша Николовски-Ѓумар, а магистрира во класата на проф. Борјан Цанев. Уште во студентските денови, интензивно работи како асистентка на маестро Ѓумар со Симфонискиот оркестар на ФМУ, а бележи настапи на повеќе престижни подиуми, меѓу кои и фестивалите Охридско и Скопско лето со Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија. Нејзиниот настап беше проследен од легендарниот композитор Кшиштоф Пендерецки, кој упати голем број пофалби за младата диригентка. Во 2020 г. остварува соработка со светски познатиот диригент – маестро Урош Лајовиц (Словенија/Австрија), кој за неа ќе каже: „Дијана Имери Илкоска е исклучителен талент и диригент што може да ги оствари сите свои диригентски желби и да направи убедливи креации.“