Промовирана збирката „Грамадата на пристаништето“
Деновиве беше промовирана збирката раскази „Грамадата на пристаништето“ од словенечкиот писател Борис Пахор. За книгата зборуваа Дарка Звонар Предан, публицистка и новинарка од областа на културата во мариборскиот весник „Вечер“, Дарко Спасов, преведувач од словенечки јазик, и Бисера Бендевска, уредничка во издавачката куќа „Арс ламина“. Настанот беше поддржан од словенечката амбасада во Македонија, а меѓу присутните беше и амбасадорот на Словенија, Грегор Прескер.
Дарка Звонар Предан, која ревносно го истражува творештвото на Борис Пахор и која е авторка на поговорот во македонското издание на расказите, ја раскажа животната врвица на писателот од Трст, кој во својот долг животен век посведочил на ужасите од двете светски војни и преживеал пет концентрациони логори како политички затвореник и поддржувач на отпорот. Пахор е запаметен како жесток антифашист и поборник за етничката кауза на приморските Словенци и гласен противник на тоталитаризмите, вклучувајќи и на југословенскиот комунизам. Во расказите од „Грамадата на пристаништето“ тој опишува реалистични настани од опресијата и асимилацијата на црнокошулците врз приморските Словенци и многу живо ги доловува стравот на потчинетите граѓани и нивната немоќ да влијаат врз сопствената судбина, напати вметнувајќи и суптилна критика за прифаќањето на таквата состојба.
Преведувачот Дарко Спасов истакна дека објавувањето на „Грамадата на пристаништето“ на македонски јазик е од особена важност, затоа што Македонците и Словенците споделуваат исти историски приказни, дека и двата народа низ историјата имале „мачители“ што оставиле сериозна трага во растењето, во фенотипот на однесувањето, кој се изместува(л) со секоја дразба. Начинот на кој Пахор го опишува сето тоа е како да слика и расказите во оваа збирка оставаат силен, но и познат впечаток.
Борис Пахор (1913 – 2022) е еден од најважните и најпреведувани словенечки писатели. Неговите дела се преведени на македонски, француски, германски, српски, хрватски, унгарски, англиски, шпански, италијански, каталонски, фински и есперанто. Најпознат е по автобиографскиот роман „Некропола“, за животот во концентрациониот логор Нацвајлер-Штрутхоф. Сиот свој животен век се декларира како антифашист и сведок на фашистичкото насилство врз Словенците во Италија и на страдањето во конц-логорите во Германија за време на Втората светска војна. Тој е жесток поборник за националноста како примарен општествен идентитет. Збирката „Грамадата на пристаништето“ првпат била објавена во 1972 година во Љубљана и главно била наменета за средношколци и студенти, со многубројни белешки што би им користеле на помладите читатели. С.Ј.