„Боите на вкусот“ е интерактивна изложба на уметникот Дарко Аницин закажана за 1 септември во 18.30 часот на Зелен кров во Дом на култура „Кочо Рацин“. Целта на овој автономен иновативен проект е преку мобилизирање на граѓаните/ките, од различни културни средини, да ги поттикне на негување и афирмирање на традицијата и културата. Нешта кои се помалку или повеќе интересни во зависност од интересот на поединецот. Но нишката што ги поврзува сите, се провлекува во истражување и проверување на евентуалната приказна, што знае да ги обои денот и расположението е оној сегмент кој секој со задоволство го зема здраво за готово – храната.

– Храната овозможува своевидно директно искусување на историјата и културата, неизбежните составни делови од уметноста на гастрономијата, таа е еден од клучните елементи на материјалното културно наследство, еден од факторите на идентитетот на одреден народ, на одредено географско подрачје. Големо влијание врз нашата национална кујна, врз нејзиниот специфичен облик имаат Турците, поради долгиот престој на нашата почва од каде и доминантното влијание. Со појавата на печалбарството кон крајот на XИX век се воведуваат и новитети од Запад – тука се француската, унгарската, англиската, руската кујна – но незначително. Со текот на времето некои јадења, пренесувани со генерации, претрпеле влијанија (по вкус и боја) но целта е да ги зачуваме и грижливо да ги пренесеме на новите генерации – информира Аницин.

Проектот почна со објавување на јавен повик/интерактивен конкурс за учество на публиката праќа по еден предлог рецепт, состав со кои го подготвуваат своето омилено-традиционално јадење, јадење кое го афирмира или карактеризира поднебјето од каде што потекнуваат.