„Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски ќе биде прикажан на јубилејното 30-то издание на „Седона интернешнал филм фестивал“, кој ќе се одржи од 24 февруари до 3 март во Аризона. Мисијата на организаторите е поддршка на независните филмски дела од целиот свет, потребата да се разбере човековата природа и препознавање на вистинските вредности преку филмот.
Филмот на Цветановски исто така ќе биде еден од осумте филма во официјалната селекција на „Фарго филм фестивал“, кој ќе се одржи од 19 до 23 март. Публиката ќе може да го проследи во историската киносала „Фарго“ во Северна Дакота. Фестивалот постои 24 години, а неговата програма низ годините е збогатена со присуството на голем број еминентни имиња од светот на филмот.
– Добивме многу квалитетни апликации годинава, но жирито сметаше дека вашиот филм е навистина впечатлив и суштински ја доловува кризната и трагична состојба во светот. Навистина сме возбудени што ќе го споделиме овој филм со нашата публика – истакнаа членовите на жирито на „Фарго филм фестивал“ во писмото за официјалната селекција.
Режисерот Цветановски го радува тоа што филмот и годинава продолжува со успешната фестивалска турнеја.
– Секоја нова селекција ме исполнува со радост и возбуда. Со нетрпение го чекам напролет прикажувањето во македонските киносали. Реакциите низ светот се позитивни, верувам дека и на македонската публика ќе ѝ се допадне оваа приказна – вели Цветановски.
Филмот лани успешно се претстави на „Орландо филм фестивал“ во САД, каде што имаше номинации во пет категории. Потоа го затвори 34-то издание на филмскиот фестивал „Синеворлд филм фестивал“ на Флорида.
„Бизнисот на задоволството“ досега беше селектиран на дваесеттина фестивали, а се закити со пет награди.
Поддржан е од Агенцијата за филм.