Денеска започнуваат 55. „Илинденски денови“ во Битола

Манифестацијата „Илинденски денови“ започнува во Битола денеска и ќе трае до 31 јули, спроти Илинден, големиот празник на македонскиот народ. На програмата се повеќе од 70 фестивалски настани со над 1.300 учесници, 30 ансамбли од Македонија, како и гости од Швајцарија, Индонезија, Мексико, Грузија, Полска и од Хрватска.
Визуелниот идентитет на фестивалот е дело на младата уметница Јована Тодороска, инспириран од нејзината изложба „Половина сонце“ – каде што сонцето се појавува како симбол на виталност, светлина и на космички ред.
Станува збор за најголемиот и најзначаен фестивал на народни песни и игри во Македонија, кој не е само обнова на традицијата туку и нејзино пренесување во иднината.
– Годинава имаме одличен број странски учесници и богата уметничка и едукативна програма, со која Битола ја зацврстува својата позиција на мапата на светски фолклорни фестивали – истакна Влатко Илиевски, в.д. директор на Центарот за култура – Битола.
Според Валентин Соклевски, човекот што повеќе децении е координатор на овој голем фестивал, тој е жив доказ дека традицијата не е носталгија, туку динамичен културен процес.
– „Илинденски денови“ успеа да стане дел од светското семејство на ЦИОФФ-фестивали токму преку овој пристап – со поглед кон науката за фолклорот, сцената како простор, но и визијата кон иднината – рече тој.
Во рамките на фестивалот се одвива и Интернационалниот етнографски филмски фестивал, кој годинава бележи рекордна конкуренција – од 2.000 аплицирани филмови, селектирани се 30 документарни остварувања од целиот свет. Овие филмови нудат културни прозорци кон ритуали, песни и живи традиции, кои нè поврзуваат, но и различно нè дефинираат.
– Изборот на документарни филмови носи ретка можност – да се слушнат и да се видат приказни за ритуали, песни, традиции од далечни заедници. Публиката ќе ја почувствува духовната срж на културите што личат, но и се разликуваат од нашата – изјави Тони Гламчевски, селектор на ИЕФФ.
На фестивалот ќе се одржат и издавачки промоции, едукативни програми и семинари, на кои ќе се дискутира за иднината на културното наследство и за неговото место во современиот свет.