Бестселерот на „Њујорк тајмс“, „Том Лејк“, на македонски

Една од најочекуваните книги оваа лето, „Том Лејк“, од авторката на „Холандската куќа“, Ен Пачет, излезе од печат на македонски јазик во издание на „Арс ламина – публикации“. Романот дебитираше на првото место на листата бестселери на фикцијата на „Њујорк тајмс“ и се најде во топ-изборот на клубот на читатели на Рис Витерспун, а добива и позитивни рецензии од сите релевантни медиуми. Станува збор за прекрасна, топола и емотивна приказна за семејството, за љубовта и за созревањето, со која Ен Пачет уште еднаш докажува дека е една од најдобрите американски писателки.

Дејството е сместено во пролетта 2020 година, за време на пандемијата на ковид. Трите ќерки на Лара се враќаат во семејниот овоштарник во северен Мичиген. Додека собираат вишни, тие ја молат мајка им да им ја раскаже приказната за Питер Дјук, познат актер со кого таа пред многу години ја делела сцената и била во страсна врска додека биле ангажирани во театарската компанија наречена „Том Лејк“. Додека Лара се присетува на минатото, нејзините ќерки ги преиспитуваат своите животи и односот со мајка им и се принудени одново да размислат за светот и за сето она што мислеле дека го знаат.

„Том Лејк“ е медитација за младешката љубов, брачната љубов и животите што родителите ги имале пред раѓањето на децата. И надежно и елегично истражува што значи да се биде среќен, дури и кога светот се распаѓа. Како и во сите свои романи, Ен Пачет комбинира привлечна наративна уметност со пробивен увид во семејната динамика. Резултатот е богата и оптимистичка приказна, раскажана со длабока интелигенција и емоционална суптилност, со што Пачет покажува зошто е еден од најпочитуваните книжевни таленти што работат денес. Ова е приказна за различни видови љубов: страсна љубов, сигурна љубов и за љубовта на мајката и нејзините ќерки. Романот има своја аудиоверзија на англиски јазик, која ја чита оскаровката Мерил Стрип.