Музичарите од Белградската филхармонија, предводени од легендарниот Зубин Мехта, во саботата вечер создадоа концертна магија на нашата сцена. Мехта го предводеше оркестарот во изведбата на Симфонијата бр. 7 од Лудвиг ван Бетовен и „Фантастичната симфонија“ од Хектор Берлиоз.
– Чувме филигранска изведба на мајсторот на класиката, неповторливиот маг Лудвиг ван Бетовен (Симфонија бр. 7) и на луцидниот романтичар Хектор Берлиоз, кој доминира со препознатливата музичка структурност во своите дела („Фантастична симфонија“). Музиката со својата суптилност има неверојатна моќ да ги обедини луѓето, да избрише граници и да премости бездни. Неповторливиот Зубин Мехта е човек што целиот свој живот го посвети на градењето мостови преку музика, посветено и скромно, со голем жар и љубов. Синоќешниот концерт на Белградската филхармонија беше совршена апотеоза на безгранична љубов преточена во музика – велат од Филхармонијата.
Со овој концерт во Скопје заврши серијата на концерти по повод 100-годишнината на Белградската филхармонија, предводена од светски познатиот диригент Зубин Мехта. Во серијата, дел од иницијативата Отворен Балкан, Филхармонијата настапи во Белград, Тирана и Скопје, поттикнувајќи посилни културни врски меѓу трите нации. Се покажа како извонредна демонстрација на моќта на културата и креативноста и нејзината единствена способност да ги зближи луѓето во дух на меѓусебно разбирање и почит.
Во публиката беа присутни министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, дипломати, политичари и значајни личности од Македонија, Србија и Албанија.
– Никогаш не може да се потцени моќта на музиката. Музиката е таа што ги зближува луѓето. Кога имавме концерт во Париз, Индиец свиреше со Пакистанец, Сириец музицираше на клавир со Хрват, тоа се различни културни поединци, создавајќи музика заедно, за сите нас тоа претставува огромен успех на единство. Тоа се случува кога одиме на турнеја, тоа се случи и вечерва – истакна маестро Зубин Мехта за способноста на музиката да ги премине границите.
Министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска истакна дека ваквите настани служат како силен поттик за афирмација на локалните вредности во европски контекст.
Со своите 87 години, маестро Мехта важи за еден од најзначајните диригенти на светската музичка сцена, на која е присутен повеќе од 60 години со своите настапи, кои денес важат за историски. Концертот со Белградската филхармонија беше трет настап на славниот маестро во Скопје – првиот беше во 1967 година, кога настапи со Филхармонискиот оркестар на Лос Анџелес во Универзалната сала, вториот во 2007 година, кога го предводеше концертот на Израелската филхармонија во „Метрополис арена“ на Скопскиот саем.
Одбележувајќи 100 години од своето постоење во 2023 година, Белградската филхармонија денес е позиционирана како најдобар оркестар во регионот и ансамбл што претставува освежување на меѓународната концертна сцена. Според пишувањата на меѓународните медиуми, Белградската филхармонија е култен српски оркестар, еден од водечките европски оркестри. В.Д.