Оваа сабота на повеќе градски локации

Годинашното 19. издание на традиционалната манифестација „Бела ноќ“, во организација на Универзалната сала, како препознатливо обележје на градот Скопје за активности од областа на културата на територијата на централното градско подрачје, ќе се одржи на 30 септември и ќе понуди богата програма од изложби, театар, концерти, кинопроекции и други културни содржини. Во активностите се вклучени повеќе градски и национални институции. Програмата има цел да ја збогати културната понуда на градот Скопје.
– На распишаниот конкурс се пријавија креативци од визуелните уметности (ликовна уметност, фотографија, инсталација, видеоарт, стрип), применетите уметности (архитектура, дизајн, мода, дигитални креации, видеоарт и инсталации), музика, филм, театар, урбани изведби и перформанси. Селекцијата беше направена од стручно жири, водејќи се од критериумите: квалитет, иновација и оригиналност на идејата, презентирање и афирмирање на современото творештво, урбаната култура и јавната уметност во предложениот концепт – велат организаторите.
Универзалната сала со големо задоволство го најавува годинашното 19-то издание на „Бела ноќ“ што ќе се одржи на повеќе локации низ градот.
– „Бела ноќ“ е вечер на уметност и креативност, кога улиците и местата во Скопје стануваат плато на кое се претставуваат различни видови перформанси и култура. Секоја година го заземаме градскиот простор и го трансформираме во место на интеракција и впечатливи перформанси. Очекувајте уметнички перформанси, музички бендови, изложби и многу повеќе. Со сигурност, ова ќе биде незаборавно издание на „Бела ноќ“ – велат од Универзалната сала.
Во рамките на програмата на 30 септември, во 20 часот, ќе се одржи настанот „Култура во кутија“ на „Доминиум културно јадро“ во галеријата „КО-РА“ во домот на културата „Кочо Рацин“. Изложбата „Право на јавни простори“ на Факултетот за архитектура и дизајн ќе биде отворена во 20 часот, во галеријата „Остен“. Македонски филмски и музички достигнувања ќе бидат дел од програмата во Кинотеката на Македонија, со почеток од 20 часот. Концерт на македонската рок-група „Никеја“ (со Славе Димитров и Весна Ѓиновска Илкова) ќе се одржи во „Капан-ан“ во 21 часот. На плоштадот „Филип Втори“ традиционални македонски ора, во организација на здружението „Консеј“ ќе изведат КУД „Јонче Христовски“ и ансамблот „Никола Јонков Вапцаров“.
Изложбата „Игри и мечтаења“ на Друштвото на ликовни уметници на Македонија ќе биде отворена во галеријата „Артхаб“ во ГТЦ на вториот кат и на Зелениот покрив на ГТЦ. Театарски претстави, филмска и музичка програма ќе се одвива на Факултетот за драмски уметности – Скопје, со почеток од 19 часот.
„Октомвриски музички поход“ е насловен музичкиот настан на Школка во Градскиот парк на кој ќе настапат: групата „Педро Хоризонте“, „Стефан Патаноски бенд“, „Занаду“, групата „Димиш“ и диџеите Раста Грл, Чарли и Јаска. Рок-концерт на класата ученици од 10 до 18 години од музичкото училиште „Ентерпрајс“ ќе се одржи пред портата „Македонија“, во 20 часот.
Музички композиции од Кире Костов ќе изведува Биг-бендот под диригентската палка на Љупчо Мирковски (солисти се Андријана Јаневска, Наде Талевска, Дани Димитровска и Ламбе Алабаковски) од 21.30 часот, пред портата „Македонија“, а предвиден е и 3Д-мапинг на објектот.
Во Националната галерија на Македонија, во „Даутпашин амам“, ќе може да се види изложбата на Симон Шемов „Мултиверзум“, а во „Чифте-амам“ на Миле Корубин. Во Музејот на македонската борба е поставена изложбата „Темелник на државноста“, во Музејот на град Скопје – „Загреб Лука Мједа“, во МСУ изложбата на Ѓорѓе Јовановиќ, „Горчлив шеќер“, и „Иднината како проект“. Во детскиот културен центар „Карпош“ ќе има изложба на детски цртежи. Ќе се одржат „Скопје фешн фестивал“ и уште многу други активности.
Сите настани се дел од богатата културна понуда на Град Скопје како „Европска престолнина на културата 2028“. В.Д.