Во рамки на 10. издание на фестивалот „Џифони Македонија“
Соработката меѓу Италијанската амбасада во Скопје и Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“, кој годинава го одбележува десетгодишниот јубилеј, ќе биде збогатена со нова иницијатива. На 6 октомври ќе се одржи „Comics Day/Ден на италијанскиот стрип“, иницијатива посветена на стрипот, со особено внимание на најпопуларните ликови креирани во Италија и нивното значење во Македонија.
Како што соопшти Амбасадата на Италија во Скопје, во иницијативата ќе бидат вклучени двајца познати уметници: дизајнерот Серџо Џерази и сценаристот Алесандро Билота, автори, меѓу другото на „Дилан Дог“, познатата серија стрипови на Серџо Бонели Едиторе. Покрај средбата со двајцата уметници и други македонски карикатуристи, ќе бидат изложени и цртежи направени од Билота и Џерази и ќе бидат објавени победниците на конкурсот за постер посветен на ликовите на италијанскиот стрип.
Иницијативата ќе биде дел и од 22-то издание на Неделата на италијанскиот јазик во светот што ќе се одржи од 17 до 27 октомври, а оваа година ќе биде посветена на италијанскиот јазик што го зборуваат младите.
Денот на италијанскиот стрип и средбата со гостите од Италија ќе се одржи во Младинскиот културен центар во четврток од 16 часот.