Во пресрет на 15. „Македокс“
Јубилејното 15-то издание на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ ќе се одржи од 15 до 22 август, во традиционалните простори на „Куршумли-ан“, Музејот на Македонија, „Сули-ан“, МКЦ и новиот простор „Лабораториум“ во Скопје. Фестивалот ќе се одржи под мото „Копање емоции низ времето“.
Фестивалската програма ја претставија Дарко Набаков, извршен директор на фестивалот, Петрула Вељановска, програмска координаторка на „Македокс“, и Сара Ферро, раководителка на индустри-програмата на „Македокс“.
– Среќни сме дека оваа година на 15-то издание на „Македокс“, кога славиме еден наш мал јубилеј, посветен на кинотечната дејност и архивските материјали, на нивното чување, реставрирање и дигитализирање, како и на нивната креативна употреба во документарниот филм, ќе имаме можност да копаме и да ловиме емоции низ времето, да ги пресоздаваме сеќавањата и да реконструираме состојби. Ќе прикажеме разновидна програма од документарни филмови, како нови така и постари, кои во себе изобилуваат со архивска граѓа, со посебен акцент на документарните филмови, кои веќе се дигитализирани во поширокиот Балкански Регион и грижливо се чуваат во кинотеките и архивите, сѐ со цел да создадеме една одважна и фестивалска атмосфера во која ќе ја славиме кинотечната дејност, која многумина од нас (филмаџиите, авторите од било кој вид, па и публиката) ја препознава како дејност што е мошне значајна, не само за зачувување на аудиовизуелното културно наследство и идентитетот на една земја туку нејзините фундуси и како огромно богатство со неисцрпен креативен потенцијал што инспирира на создавање нови идеи и сѐ подобри креативни документарни филмови – истакна Вељановска.
Тематскиот сегмент „Земја во фокус“ годинава е фокусиран на кинотечните архиви од повеќе држави. Ќе бидат прикажани филмови од Централниот државен филмски архив на Албанија, Хрватскиот државен архив, Националниот филмски институт на Унгарија, Словенечката кинотека, Архивот на Југословенската кинотека, Црногорската кинотека, Бугарскиот национален филмски архив, Романскиот национален филмски архив и Кинотеката на Македонија.
– Многубројните филмски наслови што годинава ги носиме од сите кинотеки на Балканот се доказ дека имаме од што да учиме, ако сакаме. И дека само ако го чуваме сето она што е запишано и меморирано, ќе можеме одново да го читаме и толкуваме и да го користиме во нови приказни. Архивите се тука и за да ни ги доотворат очите, да ни ја доближат и другата страна од приказната, па и третата и да нè соочат со нашите сопствени убедувања. Без архивите тешко дека ќе можеме да разбереме зошто светот е ваков каков што е или, пак, да го преиспитаме нашето место во него како социјални, политички и романтични души – посочи Набаков.
Програмата е распоредена во пет категории – главна програма, нови автори, кратки документарни филмови, студентски документарци и програмата за деца и младинци. Фестивалот ќе биде отворен на 15 август со проекција на документарните филмови „Како се мери годината?“ на Џеј Розенблат и „Целулоидно подземје“ на иранскиот автор Ехсан Кошбахт, а ќе биде затворен на 22 август со македонската премиера на „Патување пеш“ на Тамара Котевска. Во рамките на музичкиот сегмент на 22 август концерт ќе одржи Дуке Бојаџиев, кој е автор на музиката на филмот на Тамара Котевска. На фестивалот ќе бидат прикажани 92 филмски остварувања, од кои десет се од македонски автори. Ќе бидат присутни стотина гости од странство.
Ќе бидат прикажани: новиот филм на Виктор Косаковски, кој ќе биде претставен со „Архитектон“, победникот на годинашното Берлинале – документарниот филм „Дахомеј“ на режисерката Мати Диоп, потоа филмот „Холивудгејт“ на режисерот Ибрахим Наша’ат, чиј монтажер е Атанас Георгиев, а македонска премиера ќе има филмот „Градина“ на Бојан Тантуровски. Во студентската програма ќе биде прикажан „Живот на даската“ на младата авторка Леона Јариќ. Премиерно ќе бидат прикажани и три документарци од школата за млади филмаџии „Докуникулци“. На фестивалот ќе се доделат пет награди, „кромид“, „млад кромид“, „сечкан кромид“, „кокарче“ и награда за најдобри етички идеи. Во програмата се и два мастеркласа, првиот со филмскиот режисер Столе Попов со наслов „Бекни бе, ќе ми снема лента“, кој ќе го модерира филмологот Илинденка Петрушева, а вториот со наслов „Звуци и слики од втора рака“ ќе ги открие методите на филмската режисерка Инеке Смитс и уредникот на радиосодржини Јероен Стаут за реупотребата на архивски звуци и слики. Ќе се одржи и Работилница за архивски практики во филмот со наслов „Замислување архиви“ (15 – 19 август) во студиото „Фх3х“ со режисерите Кумјана Новакова од Македонија и Влад Петри од Романија. Во рамките на главната програма ќе биде прикажан и документарниот филм „Молкот на разумот“ на Кумјана Новакова. Ќе се одржи и шестото издание на „МакеКоПроДокс форумот“, чија главна цел е развој на стратегиски план за зголемување на копродукциите на документарни филмови меѓу балканските земји.
В.Д.