Aна Котевска, ученичка во специјалната германска паралелка при гимназијата ,,Јосип Броз-Тито“ од Скопје, е годинашна апсолутна победничка на интернационалната oлимпијада по германски јазик „ИДО 2024“, која минатата недела се одржа Гетинген, Германија. Ана Котевска го освои златниот медал во категоријата на натпреварувачи на нивото Б2. Среќното прво место (јазични нивоа Б2, А2 и Б3) таа го сподели со Махек Кан од Бангладеш и Рајона Иброхимова од Узбекистан. На интернационалната олимпијада по германски јазик, покрај Котевска, учествуваше и Марија Стефановска, идна ученичка во прва година во гимназијата „Јосип Броз-Тито“.
Менторка на Котевска ѝ е проф. Кристина Клиафа-Трпеска, класна раководителка и професорка по германски јазик во гимназијата „Јосип Броз-Тито“, а на патувањето во Германија ја придружуваше професорката Габриела Темелкоска, претседателка на Здружението на германисти во Македонија.
Осум дена, над сто ученици од околу 60 земји се натпреваруваа за титулата најдобар ученик по германски јазик во светот. Победниците од националните прелиминарни рунди, на возраст од 14 до 17 години, патуваа од целиот свет до финалето во Германија и се натпреваруваа во различни натпреварувачки дисциплини. Олимпијадата се реализира во соработка со „Гете институт“.