Лазар Ристовски, лауреат на наградата на фестивалот „Преку езерото“
Лазар Ристовски, годинешниот лауреат на наградата „Мето Јовановски“ што ја доделува фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“, изрази благодарност за високотo признание и жалење што никогаш не работел на проект заедно со Мето Јовановски, чие име го носи наградата што му ја додели фестивалот.
– Роден сум во Војводина, татко ми е од Мариово. Оваа награда е и голема и значајна бидејќи носи име на еден голем актер – Мето Јовановски, кого го познавав, со кого бев пријател, но никогаш не сум играл со него во ист проект. И жалам поради тоа. Почестен сум и среќен што сум во Македонија на овој мошне интересен и оригинално конципиран фестивал „Преку езерото“ – истакна лауреатот.
Во поглед на процесот на работа, тој истакна дека секогаш го интересирал токму самиот процес, каде што секогаш давал сѐ од себе.
– Кога ќе дојде премиера, црвен килим, не се чувствувам пријатно и не се оптоварувам со тоа. Кога бев помлад, да, но како што поминував сѐ повеќе време во оваа работа, а еве веќе 50 години работам како актер, режисер и продуцент, сето она што доаѓа потоа не ме интересира – рече Ристовски.
Тој вели дека во овие 50 години глумата била негов живот.
– Актерството е многу тешка професија, бидејќи наша алатка се нашето тело и нашата психа и разликата меѓу актерите се состои во тоа колку се храбри да ископаат во себе по својата психа. Оние што се храбри да копаат подлабоко, пожестоко – тие се поголеми актери. Тоа не значи дека тоа ќе се види на нивните лица, некој глуми лесно, без оглед колку копал во себе и што сѐ нашол. На некои актерски имиња тоа се гледа во смисла на напор и грч, има актери што се потат, има некои што лесно минуваат низ тоа… Јас сум некаде помеѓу – не се потев премногу, но доживував тежок процес – раскажа Ристовски.
Тој за првпат во животот ќе одржи мастерклас токму на фестивалот „Преку езерото“ во Дојран.
– На фестивалот ќе одржам мастерклас за првпат во мојот живот. Никогаш не сум сакал никому да му солам памет или да држам предавања и затоа никогаш не сакав да бидам професор по глума. Јас како ученик и во основно и во средно училиште и на факултет никогаш целосно не им верував на професорите. Секогаш наоѓав некое поинакво мислење, секогаш бев критичен и често поради тоа ме бркаа од часовите. И сега јас како таков некому да му давам памет, не ми одеше и затоа не се занимавав со педагошка работа – рече Ристовски.
Лазар Ристовски има одиграно повеќе од седумдесет улоги на филм и телевизија, во сите жанрови, на сите јазици на некогашната заедничка земја.
– Му благодарам на мајсторот на филмот Лазар Ристовски, кој со своето актерско, но и човечко достигнување направи во светот на филмот соништата на илјадници деца, илјадници тинејџери, илјадници студенти, а подоцна илјадници филмаџии по овие балкански и медитерански светови на сонот да создаваат свет составен од приказни за тоа како се расте, како се живее, како се страда, како се љуби и како се создава свет на идеали, свет на совршената причина да постоиме и да создаваме свои соништа во форма на подвижни слики! Нека му е честита наградата за високо актерско достигнување во уметноста на филмот – рече Јани Бојаџи, директорот на фестивалот „Преку езерото“.