Агенцијата за филм на Македонија ќе биде присутна со свој штанд на Европскиот филмски маркет, кој се одржува од 15 до 21 февруари, во рамките на еден од најеминентните фестивали во светот – Интернационалниот филмски фестивал во Берлин.
Ова е од огромно значење за македонската кинематографија, имајќи предвид дека во последните 15 години се прават напори Македонија да обезбеди свој промотивен простор во рамките на маркетот во Берлин, каде што присуствуваат голем број продуценти, дистрибутери, финансиери и фестивалски организатори од целиот свет.
Македонскиот штанд ќе биде позициониран на централна локација, во музејот „Мартин Гропиус Бау“, каде што традиционално се одржуваат активностите во рамките на индустрискиот дел на Берлинскиот филмски фестивал и ќе биде место каде што македонската делегација од Агенцијата за филм ќе ги претстави најновите случувања во нашата кинематографија и ќе остварува средби за идни копродукциски соработки. За оваа цел се подготвени обемен каталог и промотивен материјал.
Агенцијата за филм секоја година е присутна на маркетот со различни активности за промоција на македонски филмови. Така, во 2024 година Агенцијата за филм закупи и проекција на маркетот за филмот „Убиј ги прво децата“ во режија на Димитар Оровчанец. Со овие проекции, филмовите добиваат можност да се претстават пред 2.000 професионалци од 110 земји во светот и да бидат откупени или селектирани на некои од филмските фестивали.
– Присуството на нашата кинематографија на Европскиот филмски маркет, едно од најважните случувања во светот на филмската индустрија, е од големо значење бидејќи потврдува дека се вложува во авторите и во филмската индустрија и се олеснува соработката и промоцијата на филмските професионалци на глобалната филмска сцена – посочуваат од Агенцијата за филм.
Покрај промотивниот штанд, Агенцијата за филм ќе биде присутна и на интернет-платформата на маркетот, каде што сите оние што не се во можност да присуствуваат на физичкото издание на маркетот ќе можат да ги проследат содржините во виртуелен формат.