„Златен круг на времето“ ги обединува сите препејувачи што во изминатите децении се имаат посветено на пренесување на моќта на македонската поетска реч во кодот на својот мајчин јазик
Во Словенија штотуку излезе од печат избор од поезијата на Ацо Шопов на македонски и во препев на словенечки јазик. Под наслов преземен од песна на Шопов, „Златен круг на времето“, ова обемно и луксузно издание воспоставува дијалог помеѓу неговата поезија и уметничките дела на академскиот сликар Боге Димовски. Ова е прв избор од поезијата на македонски класик објавен во странство во ваков формат, кој ги обединува сите препејувачи, односно преведувачи што во изминатите децении се имаат посветено на пренесување на моќта на македонската поетска реч во кодот на својот мајчин јазик.
Поконкретно, во изборот, со критички пристап се опфатени препеви на поезијата на Шопов на повеќе генерации преведувачи, започнувајќи од првите препеви остварени од Богомил Футур, Иван Минати и од Цирил Злобец во 1950-тите и 1960-тите години со критички одглас на Фран Петре, преку препевите на Северин Шали и Јоже Шмит, во седумдесеттите години, и заклучно со најновите остварени во 2023 година од Намита Субиото, Маја Ковач и од Соња Цекова Стојаноска. Всушност, како што е нагласено и во книгата, „Ацо Шопов е еден од најпреведуваните македонски литературни уметници на словенечки јазик во 20 век“, а нови препеви се случија и во ова столетие.
– Во овој двојазичен избор од поетското творештво на „вечниот поет“, како што е наречен Шопов од Драги Стефанија, се застапени песни од сите збирки на македонскиот класик, распоредени во неколку циклуси. Изданието содржи и обемна студија за словенечките преводи на поезијата на Ацо Шопов и за рецепцијата за неа во словенечката културна средина, од истакнатата македонистка и славистка Намита Субиото, раководителка на Одделот за славистика на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана – велат од фондацијата „Ацо Шопов – поезија“.
Изборот е објавен од Сојузот на македонските културни друштва во Република Словенија, а е резултат на комплексен проект за истражување на присуството и рецепцијата на поезијата на Шопов во Словенија. Проектот е инициран од Одделот за славистика на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана и е остварен во текот на 2023 – годината во чест на Ацо Шопов, кога меѓу другото, по речиси половина век се остварија и нови препеви на неговата поезија на словенечки.
– Изданието „Златен круг на времето“ е влог и на словенечката академска и културна средина во минатогодишното чествување на стогодишнината од раѓањето на Шопов, но истовремено и на половина век творештво на академскиот сликар Боге Димовски.
Но како исклучително критичко издание е објавено во годината кога се навршуваат осум децении од прогласувањето на македонскиот јазик за службен јазик во современата македонска држава и од објавувањето на првата поетска книга во слободна Македонија – „Песни“ од Шопов, како прилог кон чествувањето и на овие јубилеи – велат од фондацијата.
Инаку, Шопов е прв македонски автор објавен во Словенија – избор од неговата поезија под наслов „Слеј се со тишината“ е објавен на словенечки во 1957 година – а како културен деец и како препејувач дал значителен придонес во развивањето на македонско-словенечките културни врски. Меѓу другото, негов е и препевот на македонски јазик на познатата поетска книга за деца „Цицибан“ од словенечкиот поет Отон Жупанчич, објавен уште во 1951 година, кој неколку децении беше и лектирно издание. Изборот „Златен круг на времето“ е објавен со финансиска поддршка од спонзори и од Јавниот фонд за културни дејности на Република Словенија. Во Словенија веќе се закажани и првите промоции на книгата, и тоа во Љубљана, во организација на Сојузот на македонските културни друштва во Словенија и на македонската амбасада, и во Крањ во организација на МКД „Св. Кирил и Метoдиј“ од Крањ. В.Д.