Нова студија покажа дека најстарата дрвена статуа на светот е постарa отколку што првично се мислеше
Шигирски идол, тотем висок 2,80 метри, составен од 10 дела украсени со геометриски резби со импозантни човечки лица, е најстарата дрвена скулптура на светот и единствен преживеан дрвен артефакт од каменото време. Благодарејќи на новите истражувања, научниците сега се сомневаат дека е постар отколку што првично се мислеше. Како што пренесува „Национална географија“, Шигирскиот идол е еден од најзначајните експонати на роднокрајниот музеј во руската област Свердловска. Откриен е во 1890 година при развојот на рудник за злато. Споменикот на древната уметност, кој лежел илјадници години под земја, не добил веднаш светска сала и признание. Неговата старост останала мистерија дури и за стручните лица сѐ до 1997 година, кога руските научници користејќи радиокарбонско датирање откриле дека е стар девет и пол илјади години. Неочекуваното откритие на почетокот предизвикало скептицизам кај некои стручни лица, со оглед на софистицираната природа на делото, за кое сега се верува дека е најрана позната ритуална уметност. Меѓутоа, во 2018 година, недопреното јадро на статуата од ариш, а не површината што била третирана со голем број конзерваторски постапки повеќе од 100 години од откривањето, е тестирано со напредна технологија на забрзувачка спектрометрија и утврдено е дека таа е уште постара, всушност дека е стара 11.600 години. Новата студија објавена во списанието „Кваторнери интернешнл“ го поместила тој датум за дополнитени 900 години – чинејќи го идолот повеќе од двојно постар од Стоунхенџ или од египетските пирамиди.
– Идолот бил изработен во текот на ерата на големите климатски промени, кога раните шуми се ширеле низ топлиот доцен глацијал до постглацијална Евроазија – изјавил за „Њујорк тајмс“ водечкиот автор на студијата, археологот Томас Тербергер, шеф на истражувањата на Одделот за културно наследство на Долна Саксонија. „Пределот се променил, но и уметноста – фигуративната уметност и натуралистичките животни насликани во пештерите и издлабени во карпата – исто така се променила, можеби и за да им помогне да се соочат со предизвиците што им ги носело окружувањето“. Сложената иконографија на статуата, со своите апстрактни симболи, му пркоси на она што археолозите верувале дека го знаат за општествата на ловците – собирачи во Европа и во Азија, за чија уметничка работа се мислело дека е ограничена на животински слики и сцени од лов, а не на предмети со ритуално значење. Но сосема е можно голем дел од „движната уметност“ – археолошки израз за преносната праисториска скулптура – едноставно да не преживеал поради материјалите што се користени за нејзина изработка.
Во регионите со големи шуми дрвото им било лесно достапно на палеолитските уметници, но брзо пропаѓало низ вековите. Тоа значи дека нашето разбирање на овие древни народи е обликувано само врз основа на предметите што успеале да останат, но веројатно би било многу поразлично да преживеале повеќе дрвени предмети како што е Шигирскиот идол.
– Обработката на дрвото најверојатно била раширена во текот на доцниот глацијал до раниот холоцен – велат научниците во својата студија. Шигирската скулптура ја доживуваме како документ со сложено симболичко значење и духовност на доцниот глацијал до раните мезолитски ловци – собирачи од Урал – велат научниците. Тербергер и неговите колеги пронашле повеќе докази за праисториската столарија во другите ископувања на мочуриштата во изминатите 12 години. Очекуваат дека археолозите ќе продолжат да откриваат слични наоѓалишта и на други места на Урал, каде што се наоѓаат мноштво неистражени тресетишта, но поради недостиг од средства во овој период моментално не се вршат ископувања.
До денес украсите на Шигирскиот идол немаат недвосмислена интерпретација. Ако секој дел од идолот, кој завршува со маска, го персонифицира едниот или другиот дух, нивното вертикално поставување може да укажува на хиерархијата на вишите сили што постоела меѓу древните жители на Урал. Контурите на секој дел содржат т.н. точки, два мали сегменти. Овие елементи се карактеристични за сликите на Урал. Научниците предлагаат тие да симболизираат душа или срце. Украсите исто така можат да претставуваат космогониски митови (историја на изгледот на светот, потеклото на луѓето и на сите живи суштества). Во овој случај вертикалниот распоред го пренесува редоследот на настаните. Професорот Чудинов, чие мислење не е прифатено, тврди дека идолот е персонификација на древната словенска божица Мара, божица на болеста и смртта.