Херберт фон Карајан (1908-1989) најнапред тргнал по музичките траги на својот голем сограѓанин Моцарт – осум години учел клавир и композиција на академијата „Моцартеум“ во Салцбург. На студиите во Виена, по совет на неговиот професор, студирал диригирање. Веќе во 1935 година му е доверен театарот во Ахен и Карајан станал најмладиот музички директор во Германија. Четири години подоцна се нашол на чело на Државната опера во Берлин. За „чудото наречено Карајан“ е прогласен откако во 1938 година напамет ја диригирал Вагнеровата опера „Тристан и Изолда“ во матичната куќа. Од симпатија или од страв, а можеби и заради претераната амбиција, Карајан рано станал член на Хитлеровата Националсоцијалистичка германска работничка партија. Од друга страна, пак, една од неговите сопруги, со која се оженил во воената 1942 година, имала еврејско потекло, што неговите сопартијци никако не можеле да му го простат. Нацистичкото петно во биографијата не му го простиле ни воените победници – по војната бил бојкотиран и под ембарго. Веќе во 1947 година, Карајан ја обновил својата исклучителна кариера, но во земјите од советскиот блок не смеел да диригира долги години. Во педесеттите години од минатиот век тргнал во освојување на светот, најпрвин како диригент во „Миланска скала“, потоа како уметнички директор на музичкиот фестивал во Салцбург, како шеф-диригент на Берлинската филхармонија (цели 34 години, од 1955г., па сѐ до неговата смрт) и како уметнички директор во Виенската опера. Со 800 снимени и 200 милиони (!) продадени плочи, Карајан е диригент кој зад себе оставил најмногу снимен музички материјал. Поседувал силна емотивност, изразена фантазија, исклучителна прецизност и харизма која пленела. Со музичарите од оркестрите со кои диригирал бил строг, помалку и крут, па тие кон него гаеле страхопочит. Иако музиката не сака ригиден однос, ниту претерана строгост (умерената е неопходна, заради воспоставување авторитетен став и делумно наметнување на уметничкиот сензибилитет), музичарите го обожавале, затоа што во изведбите ги носел до чувство на екстаза и ги вивнувал во паралелен универзум, во кој единствена димензија била музиката.
Лада Шоптрајанова-Петровска